Од бабини раце до социјални мрежи: Рачните изработки и винтиџ предмети, повторно во мода – онлајн се продаваат по симболични цени

Некогаш внимателно редени по креденците на бабините кујни, денес повторно оживуваат – некои како украс, некои како функционален дел од модерниот ентериер, а некои едноставно како спомен. Сè повеќе луѓе на социјалните мрежи продаваат или разменуваат стари, рачно изработени предмети кои порано биле секојдневие во македонските домови.
Во групи посветени на "винтиџ" работи, може да се најдат рачно изработени гоблени, милиња, јамболии, и тоа во одлична состојба. Овие парчиња не само што се симбол на минатото, туку и сведочат за вештината и трпението на жените од тоа време. Секоја нишка од гобленот е приказна сама за себе, секое милиње е уметност во минијатура.
Покрај рачните изработки, денес сè почесто се враќаат и предмети од домаќинството што некогаш биле задолжителен дел од секој дом. Кристални чаши со гравирани шари, чинии со специфични дезени од ’70-те и ’80-те години, чајници и сетови за кафе со златни или цветни детали – сега се барани колекционерски парчиња. Многумина ги препознаваат овие предмети од детството, и во нив гледаат нешто повеќе од обична чаша – гледаат момент, мирис, глас, семејна трпеза.
Иако често се нудат по симболични, половни цени, нивната вистинска вредност е далеку поголема – емоционална. Тие предмети не се само „винтиџ“, тие се меморија. На просторот на поранешна Југославија, производството на такви производи беше унифицирано, па затоа денес многу луѓе од различни краеви се поврзуваат преку исти или слични парчиња од минатото – без разлика дали се тоа филџани со препознатливи шари или мали, керамички фигури што стоеле на телевизор.
Во време кога технологијата брзо менува сè, токму овие стари предмети стануваат мост кон нешто познато, топло и лично. И иако денес можеби се продаваат на Фејсбук или Инстаграм, тие секогаш ќе имаат место во срцата на оние што знаат да ја препознаат вредноста зад нивната едноставност.
Затоа, следниот пат кога ќе видите објава со „на продажба: стар чајник, 200 денари“, не гледајте само предмет – гледајте приказна.
РЖМ - Г.Д.ГФото: Фејсбук


























