Олеснувањата не ја зафаќаат дистанцата, таа останува до 2022

Добивај вести на Viber

Иако Италија го продолжи карантинот до 3 мај, вчера во земјата повторно се отворија некои продавници. Во Шпанија работниците се вратија во фабриките и на градежните парцели. Основните училишта во Данска се отвораат денеска, а чешката влада ги дозволи рекреативни спортови, при кои се задржува социјалната дистанца, како тенис и голф.

Овие постепени и внимателни мерки за ослободување на рестрикциите упатуваат дека ќе бидат потребни недели, па дури и месеци за враќање кон вообичаеното секојдневие. Еднократен карантин не ќе биде доволен, велат експертите, а одржувањето на дистанцата ќе продолжи да се практикува најверојатно до 2022 година. Ова се основните насоки од студијата за излегување од пандемијата, објавена во списанието „Наука (Sciencе)“, во која се предупредува дека секундарните пикови, без примена на продолжени рестрикции, можат да бидат пообемни од овој, кој во некои земји веќе се смета за надминат.

И без овие предупредувања за промените во нашите животи во иднина, корона-кризата и сега веќе остава длабока трага, а според многумина, во иднина 2020 ќе биде опишувана како „година на пандемијата“.

Еве неколку изјави кои непоколебливо упатуваат кон сознанието колку ковид-ситуацијата нè промени.

-Не сакаме да бидеме плашливо и недоверливо општество. Можеме да станеме подоверливо, погрижливо и пооптимистично општество, можеме да пораснеме од оваа ситација – изјави деновиве германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.

И папата Франциск во велигденските пораки се осврна на промените низ кои минуваме.

-Ова не е време на Божјиот суд, туку време на избор и разделување на она што вреди од она што е минливо. Повикани сме да се вратиме на тоа што е важно, што успева да го одржи секое животно искушение и не е подложно на минливо разорување – порачата папата.

Европскиот комесар за внатрешните пазари Тиери Бретон, прагматично порача: „Сите ќе треба да научиме да живееме со вирусот“.