„Она што во Европа е ѓубре, во Македонија е тренд“: Ова познато превозно средство е исфрлено од употреба низ европските градови

Добивај вести на Viber

Додека некои градови целосно ги забрануваат електричните тротинети на улиците, други воведуваат строги регулативи, а трети се обидуваат да најдат баланс преку подобра контрола и интеграција.

Во ерата на микро-мобилноста, електричните тротинети се наметнаа како популарно и еколошки прифатливо решение за движење во урбаните средини. 

Тие претставуваат нова димензија на „зелената“ револуција во градскиот сообраќај, нудејќи алтернатива на автомобилите и јавниот превоз. Сепак, наместо неограничен ентузијазам, низ Европа се зголемуваат незадоволството и рестрикциите.

До средината на 2025 година, повеќе европски градови и држави воведоа целосни или делумни забрани, или пак строга контрола на изнајмувањето тротинети.

Freepik

Париз (Франција) – по референдум во април 2023 година, забрани изнајмување, но дозволи приватна употреба.

Малта – од јануари 2024 целосно забрани изнајмување на национално ниво поради голем број сообраќајни инциденти.

Барселона (Шпанија) – изнајмувањето е суспендирано додека се усвои нова лиценцна политика.

Осло (Норвешка) – бројот на тротинети намален од 20.000 на 8.000 и воведено зонско ограничување.

Брисел (Белгија) – операторите сведени од девет на два, а бројот на тротинети намален за над 70%.

Според Европската агенција за животна средина и Европскиот парламент (2023), електричните тротинети можат да го намалат CO₂ по километар за 45–60% во споредба со автомобилите на внатрешно согорување, ја користат електричната енергија – често од обновливи извори, и го намалуваат сообраќајниот метеж.

Главни причини за незадоволство се безбедноста – бројот на повреди поврзани со тротинети е зголемен за 180% од 2021 до 2023 година (ETSC), како и проблемите со непрописно паркирање, особено во Рим, Лисабон и Брисел.

Дополнително, краткиот животен век на тротинетите (под 2 години) и емисиите при нивното производство ја намалуваат еколошката предност. Недостигот на регулатива на почетокот доведе до хаос, со илјадници тротинети на улиците без план.

Европската комисија и Европскиот парламент работат на усогласени правила: задолжителни кациги, ограничување на брзината, минимална возраст, лимит на бројот на оператори, обврска за паркирање на одредени места и поттик за одржливи материјали.

Заклучокот на ЕЕА (2024) е дека тротинетите можат да имаат позитивна улога само ако се правилно интегрирани во градскиот транспортен систем. Дел од експертите ги гледаат како „предизвик за старите градови“ – ниту спасители на урбаната мобилност, ниту само проблем, туку алатка чија вредност зависи од начинот на управување.

Мондо/РЖМ