Популарните летувалишта воведоа строги казни: Од 62 па дури до 3.000 евра

Добивај вести на Viber

Додека наутро во кафулињата на Хвар се зборува за бучавата и тишината, а жителите конечно уживаат без голи и пијани туристи по улиците, британскиот BBC ги предупредува патниците што ги очекува доколку премногу се опуштат на летување по Медитеранот.

Некои казни може да започнат уште во авионот. Во Турција, нова регулатива бара патниците да останат седнати и врзани додека знакот за појас не се изгаси. Вадење багаж предвреме носи казна од 62 евра.

Во португалскиот град Албуфеира, носење костим за капење надвор од плажа може да чини и до 1.500 евра, а на шпанските Балеарски Острови, вклучувајќи Мајорка и Ибица, пиењето алкохол на јавни места се казнува со до 3.000 евра.

Малага во Шпанија воведе кампања „Подобрете го престојот“ – десет точки за пристојно однесување, од соодветна облека до избегнување на бучава и опасно возење електрични тротинети. Казните се до 750 евра. Албуфеира, пак, казнува сѐ – од јавна голотија до напуштање на колици за пазарење.

Ryanair од јуни воведе казни од 500 евра за патници кои го нарушуваат редот, а отстранувањето од авион може да чини и 11.000 евра.

Во Италија, пешачење по Синкве Тере со несоодветни обувки носи казна до 2.500 евра. Франција казнува пушење на јавни плажи и игралишта со 90 евра, а собирање школки во Грција може да чини 1.000 евра.

Капење во каналите во Венеција е 350 евра. Возење во јапанки, боси или во сандали во Шпанија, Грција, Италија, Франција и Португалија се казнува до 300 евра. За носење костим за капење надвор од плажа, казни до 1.500 евра важат во Барселона, Албуфеира, Соренто, Кан, Венеција, Сплит, Дубровник и Хвар.

Хвар уште пред осум години постави табли со казни за несоодветно однесување: шетање без маица се казнува до 500 евра, во костим за капење – до 600 евра, а „пикник“ во градот – до 700 евра.

Во Сплит, 300 евра казна следи за пиење алкохол, вршење нужда, консумирање храна и пијалоци на јавни површини, спиење по паркови и плоштади, качување и седење на споменици и фонтани, како и капење во нив.

Во Грција, пак, некои прекршоци, како фрлање отпад на плажа или палење оган, носат високи парични казни, а туристичките работници велат дека кампањите за културно однесување бараат време за да дадат резултат.

Пораката од властите и локалните заедници е јасна: сонце, песок и море остануваат на располагање, но само за оние што се подготвени да уживаат одговорно и со почит кон местото и локалното население.

Извор: b92 / Freepik