Предности на одмор во септември: Каде, колку и по кои цени може да летувате на крајот од туристичката сезона?!

Септември во Македонија мириса на ајвар, се празни паричникот, децата се враќаат во училиште. Сѐ се стишува и враќа во нормален редослед на обврски.
Иако одморите веќе се завршени и туристичките сезони прогласени за затворени, токму овој период за многумина е идеален за организирање на годишните одмори.
Гордана Спасовска (46), стоматолошка сестра од Скопје вели дека секоја година токму во септември го организира својот годишен одмор на кој оди семејно со својата ќерка и сопругот.
- Летото е убаво да се работи, бидејќи нема многу работа. Одморот го земам во септември, кога на плажите нема многу гужва, не е пеколно жешко за патување и цените особено на грчкото приморје каде секоја година одиме, се значително пониски, вели таа за „Женски магазин“.
Покрај пониските цени и намалениот метеж на плажите, постојат и други предности кои септември ги има за организација на летниот одмор.
Почнувајќи од 15ти Август, метежот на граничните премини е значително намален, а вообичаената колона од возила на македонските патарини, особено на патарината кај „Миладиновци“ е значително намалена.
Цените во угостителските објекти се скоро двојно помали, но и туристичките агенции низ Македонија, нудат last minute понуди кои се далеку поисплатливи одошто да ги добиете истите услови за многу повеќе пари во јули или во август.
Единствен недостаток е доколку имате дете на школска возраст, кое во септември се враќа во школските клупи и веќе не му е време за летен одмор. За децата на школска возраст, идеална е организацијата на годишниот - летен одмор за време на траење на летен распуст.
-Во секој случај секој што има можност за одмор во септември, тополо го препорачувам вели Спасовска.
Важно е и каде го планирате летниот одмор. Во септември водата во Грција е уште топла и погодна за капење. Но на други места, како што се македонските езера, па и местата кои излегуваат на Јадранско море се понеповолни за капење во септември.
М.С.К