Направете од терасата мини дневна оваа есен – со само неколку евтини и едноставни трикови

Со доаѓањето на есента и спуштањето на температурите, терасите постепено го губат летниот шарм и свежина.
Но, тоа не значи дека мора да се откажеме од уживањето во овој простор. Со малку креативност и практични решенија, секоја тераса, па дури и онаа најмалата, може да се претвори во пријатен агол за релаксација и дружење и во постудените денови.
Време е да се тргне цвеќето
Првата есенска задача е грижата за растенијата. Повеќето цвеќиња не можат да издржат ниски температури и затоа е време саксиите да се префрлат во внатрешните простории.
Најдобро е цвеќето да се смести во ходник, дневна соба или затоплени делови од домот, каде што ќе има доволно светлина и заштита од студот. Така ќе продолжите да уживате во нивната убавина, а терасата ќе се ослободи за есенското преуредување.
Заштита од дожд и ветер
За да се продолжи сезоната на користење на терасата, практично решение е поставување тенда или затворање со лесни панели и стаклени ѕидови.
Ова ќе обезбеди заштита од дожд, ветер и влага, а просторот ќе остане функционален и во есенските денови. Доколку не сакате трајни промени, постојат и преносливи паравани кои се евтина и ефикасна опција.
Топлина во вечерните часови
Есента носи свежи утрински и вечерни часови, па мала електрична греалка или греалка на инфрацрвено е идеален избор за терасите. Таа овозможува доволно топлина за да се ужива во читање книга, разговор со пријател или чаша чај, без чувство на непријатен студ.
Светлина со атмосфера
Добрата светлина е клучна за создавање топол амбиент. LED светилки во топла боја, фенери на батерии или декоративни светилки во форма на лампиони се одличен избор.
Тие не само што ќе ја осветлат терасата, туку ќе создадат и интимна, релаксирана атмосфера.
Удобност и детали
За подот, мали гумирани теписончиња или постелки играат двојна улога: ја задржуваат топлината и создаваат удобност при седење или движење. Особено се практични за терасите со керамички плочки кои се ладат брзо.
Додајте и перничиња во различни бои и дезени кои ќе внесат свежина и ќе го разиграат просторот. Еден мал ќебенце или прекривка исто така може да направи голема разлика.
Креативни идеи за декорација
Малите тераси можат да изгледаат стилски со минимални вложувања. Дрвени или метални полици за книги и свеќи, мини-бар масичка или дури и корпи со суви есенски украси ќе ја надополнат атмосферата.
Неколку декоративни тикви или суви гранки ќе внесат и празничен, есенски дух.