„Жената мора да биде средена – пред сè за себе“: Д-р Аспазија Софијанова за убавината, стилот и силата на позитивната мисла

Кога ќе ја сретнете д-р Аспазија Софијанова, прво ќе ве фасцинира енергијата со која зрачи. Ја познаваме како педијатарка и неонатолог, како личност која со години се бори за најмладите пациенти и секогаш е прва на линија кога станува збор за здравјето на децата. Но, зад белиот мантил се крие жена која негува свој свет – свет на убавина, стил, духовна хармонија и неизмерна љубов кон природата и семејството. Жената која наоѓа инспирација во природата, која негува лични ритуали за убавина и која верува дека вистинската сила се црпи од внатрешната хармонија.
Во ова искрено интервју, таа ни ја открива својата женска страна: како ги започнува деновите, како го одржува балансот меѓу професијата и домот и кои се нејзините тајни за енергија и свежина.
„Денот секогаш го започнувам со зеленило“, раскажува таа со насмевка. „Сите прозорци во мојот стан имаат цвеќиња, а станот гледа во парк. Обожавам да видам што се сменило преку ноќ – дали некое процветало, дали пораснало. Тоа е мојот начин да ја вдишам енергијата за новиот ден“.
Кога е во Крушево, пак, првите мигови ги посветува на природата: „Излегувам во дворот, уживам во коријата, во куќите, во здивот на тој град кој секогаш ме прави подобар човек“.
Софијанова верува дека времето за себе е најголемиот подарок што една жена може да си го даде. „Посветувањето на себе е различно секој ден. Но секогаш велам – жената мора да биде скоцкана, од глава до петици, пред сè заради себе, а не заради околината“, вели таа. Нејзините утрински ритуали се едноставни, но свети: неколку минути стречинг, релаксирачка музика, туш со ладна вода и задолжително мачкање на телото и лицето.
„Секоја жена ги знае своите критични точки. Јас ги акцентирам тие делови и на тој начин ја избркувам негативната енергија. Ако денот го почнеш со позитивна мисла, целиот ден е поинаков. Ако тргнеш со негативизам – тој те води во погрешен правец“, додава докторката.
Таа често се враќа и на своето семејно наследство. „Моите баби беа беспрекорно дотерани. Секогаш носеа црвен лак и шешири. Иако живееле во друго време, тој стил несвесно се пренесе и кај мене. Можеби генетиката е важна, но вистинската убавина доаѓа од навиките. Татко ми секогаш велеше – ладната вода е најдобар лек. И јас навистина верувам во тоа“, ни открива Софијанова.
Иако многу жени не излегуваат од дома без преполн несесер, таа вели дека во ташната носи многу малку. „Јас не носам многу козметика со себе. Обично имам само кармин во ординацијата. Сè друго е завршено наутро. Косата мора да е средена, кожата чиста, изгледот негуван. Ако тоа е подготвено, во текот на денот нема потреба од доработки“, ни раскажува таа.
Нејзината енергија, пак, доаѓа од темпераментот. „Јас сум класичен Овен“, вели со насмевка. „Темпераментна сум и тоа понекогаш морам да го амортизирам. Но секогаш велам – кога се борам за пациентите, мојот став е ‘мора да биде’. Ако некогаш погрешам, знам да кажам извини од срце. Чистата совест е таа што ми ја дава леснотијата на умот и на однесувањето“.
Иако ја поврзуваме со униформата и белиот мантил, Софијанова не крие дека модата и стилот ѝ се важни.
„На работа сум во униформа, прибрана коса, сè е подредено на хигиената и безбедноста на пациентите. Но, надвор од болница – тоа е друга приказна. Сакам складни комбинации, убави парчиња, понекогаш и малку блесок. Стилот е дел од мене. Иако годините одминуваат, јас не ги чувствувам како товар, туку како зрелост која ме прави подобра“, објаснува .
Балансот меѓу кариерата и семејството е, како што вели, постојан предизвик. „Прво сум професионалец, потоа сè друго. Но дома сум мајка, сопруга, баба. Сакам да сум дотерана и во кујната – купувам престилки што се штосни, затоа што и таму треба да изгледам убаво. Секој простор бара своја верзија на мене, но вредностите се исти“.
На прашањето што е вистинската убавина, таа веднаш одговара: „Здрав дух и здраво тело. Едното без другото не оди. Џабе најскапа облека или најсовршена шминка ако мислите се валкани. Убавината доаѓа од хармонијата меѓу внатрешното и надворешното“.
Секоја жена, според Софијанова, мора да најде време за себе – особено мајките. „Како педијатар и неонатолог секогаш им велам: не се запоставувајте. Детето сака да има убава, негувана, насмеана мајка. Тоа не е само изгледот – тоа е насмевката, топлината, прегратката“.
А кога најмногу Софијановасе чувствува убава? „Секако со семејството“, вели таа без двоумење. „Но ништо помалку убава не сум ниту во ординацијата, бидејќи таму одам со една цел – да помогнам. А на бината? Господ ми дал сила да излезам пред кој било аудиториум и да зборувам без страв. Секој пат тоа е уште еден доказ дека убавината не е само изгледот, туку и силата што ја носиме одвнатре“.
И додека многумина ја гледаат како докторка, таа не заборава да биде жена со свои ритуали и мантри. „Мојата мантра е молитвата“, ни признава. „Секое утро ја кажувам и со мир го започнувам денот. Со мир и благодарност го завршувам. Тоа е мојата тајна за енергија и свежина“.
ИРЕНА СТАВРОВА