Опасна супстанца пронајдена во црвени пиперки од Македонија – нивоата на пестициди можат да го оштетат црниот дроб и бубрезите

Свежите црвени пиперки увезени од Македонија го содржат токсичниот пестицид метомил, предупредуваат експертите, пренесуваат медиумите од соседството. Овој забранет пестицид е многу штетен за здравјето на луѓето и неговата употреба е забранета во Европската Унија.
Метомилот во високи дози може да предизвика оштетување на црниот дроб и бубрезите, а во свежите пиперки анализирани на 23 септември е утврдено присуство од 0,049 мг на килограм, што е пет пати повисоко од дозволената граница.
Европскиот систем за безбедност на храната веднаш нареди пиперките да се повлечат од пазарот, но сè уште не е прецизирано во кои продавници се пронајдени. Експертите истакнуваат дека постои сериозен ризик по здравјето, особено затоа што анализата штотуку е завршена, што значи дека купувачите веројатно веќе ги консумирале овие пиперки.
Потрошувачите се предупредуваат да бидат внимателни при купувањето и да ги следат официјалните најави за повлекување на производи од пазарот, пишува Далмација.хр.