„Отворена Порта“: Досега се имаат јавено повеќе од 6 илјади жртви на трговија со луѓе

Невладината органицазија „Отворена Порта“ одбележува 20 години од своето
основање и активно делување во борбата против трговија со луѓе.
По тој повод здружението во текот на
вчерашниот ден организираше јавен настан (live stream на официјалната Фејсбук страна
„Отворена Порта“) на тема „20 години
против трговија со луѓе“ каде граѓаните можеа да ја увидат работата на
институциите од изминативе 20 години, да се запознаат со политиките за подобро
идентификување и заштита на жртвите, но и со алатките за навремено откривање на
ранливоста и едуцирање на пошироката јавност околу оваа проблематика.
„Отворена Порта во овие 20 години, односно последните 18 години го оперира првиот и единствениот СОС телефонски број, кој што започна со работа во далечната 2002 година и на него досега се имаат јавено повеќе од 6 илјади граѓани. Се имаат јавено жртви, загрижени граѓани, професионалци, како и луѓе кои едноставно побарале информација за да донесат одлука во однос на вработување, на патување итн.“, открива Јасмина Димишковска Рајковска, основачка и извршна директорка на „Отворена Порта – Ла Страда“ и додаде:
„Еден од поголемите
предизвици со кои што се соочи „Отворена Порта“ се случи во периодот помеѓу
2015 до 2017 година каде поради големиот број на бегалци и мигранти кои поминаа
низ нашава земја и се најде на балканската рута, требаше да менаџира и мотивира
повеќе од 120 вработени кои макотрпно се грижеја за бегалците и мигрантите и
несебично им помагаше. Низ земјава поминуваа млади лица, жени, деца,
повозрасни, болни и изнемоштени, со што помеѓу нив имаше и жртви на трговија со
луѓе или лица во ризик да бидат жртви на трговија со луѓе, потенцијални, претпоставени
кои требаше да се идентификуваат што навистина беше предизвик во една таква
ситуација, на толкава бројка на луѓе кои многу кратко се задржуваа во нашата
земја“, вели Рајковска.
Искуството од досегашната работа на „Отворена Порта“ покажува дека официјалната бројка на идентификувани случаи на трговија со луѓе не ја отсликува реалноста во нашата држава.
„Огромен број од жртвите на трговија со луѓе немаат доволно храброст да го пријават случајот. Пред се поради постоење на страв, срам, но и недоверба. Оттука е многу важно да се вклучат повеќе чинители на идентификација, како трудовите инспектори, образовниот кадар, медицинските лица, но и јавноста се со цел навремено идентификување и упатување на жртвите до соодветниот систем на заштита и истовремено ефективен прогон на сторителите на ова кривично дело“, истакнува Марија Тодоровска, програмски директор во невладината организација „Отворена Порта – Ла страда“.
Од Министерството за внатрешни работи сметаат дека е потребна едукација на сите полициски службеници, особено на оние кои сега се во делот на националната единица, а кои ја поминаа базичната и напредната обука, но потенцира дека едуцирањето треба да продолжи и понатаму каде нивната цел е да се прават обуки во смисла на конкретни ситуации, односно на вистински случаи.
Во однос на останатите чинители во државата велат дека и другите институции кои се вклучени во борбата против овој криминал, можат да дадат свој придонес, алудирајќи на Министерството за образование, Министерството за здравство и трудовите инспектори.
„Потребна е обука од најмала возраст во училиштата. Колку се поедуцирани младите за проблематиката или за опасностите кои ги демнат од овој вид на криминал, бенефитот е заемен. Од една страна, ќе имаме млади кои препознаваат опасност и можат да пријават, а од друга страна ќе имаме млади луѓе кои нема да се доведат до ситуација да станат жртви на трговија со луѓе“, изјави Маркудов Љупчо, началник на единицата за трговија со луѓе и криумчарење мигранти и помошник на раководителот на националната единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе.
Од Министерството за труд и социјална политика пак, велат дека во однос на понатамошното функционирање на целиот систем во насока на поуспешна реинтерграција на жртвите на трговија со луѓе треба да продолжат мобилните тимови да функционираат и да бидат мултиплицирани во други општини, но и да бидат поддржани од локалната самоуправа.
„Овие мобилни тимови работат секојдневно со најранливите граѓани, пред се тука се децата, лицата со социјални проблеми итн, токму затоа за нивно успешно реинтергрирање треба да се формираат фондови на локално ниво и истите тие да ги поддржат сите нивни потреби кои значат за нивно понатамошно реинтегрирање и да допринесат во заедницата каде што живеат. Проблемите со кои се соочуваат институциите на локално ниво, пред се центрите за социјална работа се во однос на недоволната соработка што ја имаат со другите системи, како што се училиштата, здравството итн“, вели Светлана Цветковска, претставник од Министерството за труд и социјална политика, при што заклучува дека трговијата со луѓе постои, присутна е во нашето општество и не се случува исклучиво во филмовите.
Од друга страна, Маркудов Љупчо вели дека мобилните тимови биле активни до декември минатата година. Она што тој смета е дека треба да се продолжи работата на мобилните тимови и дека мора да се изнајде начин да опстојуваат и без меѓународната парична помош.
„Треба да се формираат и локални комисии, тие се формирани некаде, но не секаде. Тие на некој начин се координирани од националната комисија, меѓутоа нивната активност на терен не ја забележуваме многу, а нивната первентивна работа и тоа како е важна, бидејќи тие на своето локално подрачје знаат најдобро со кои проблеми се соочуваат и од кој вид на криминал можат да бидат засегнати. Дали имаме млади девојчиња кои се експлоатираат, дали се тоа луѓе кои се вишок во градежништво, па прават договори каде надвор од државата ги експлоатираат. Значи самите знаци од кои проблеми најмногу се соочуваат, а на што можеме заеднички да работиме, меѓутоа нивната улога и нивниот инпут во целово ова мора да биде поголемо“, вели Маркудов, а на што се надоврзува и Министерството за труд и социјална политика:
„Една од алатките за раната детекција на трговијата со луѓе преку многу спомнуваните и добрата пракса кај нас е со мобилните тимови, но исто така сметам дека се многу важни и социјалните медиуми, затоа што младите се особено присутни на социјалните мрежи и преку нив треба да се шират информациите што повеќе да стигнат до што поголем број на граѓани. На тој начин ќе се шири мрежата, ќе се шират информациите и сите ќе знаат како да постапуваат и реагираат, така што и оваа емисија по повод 18. октомври, Европски ден за борба против трговија со луѓе е една од алатките за кои што верувам дека ќе придонесе кон первенцијата и секако, заштитата од трговија со луѓе“, завршува Светлана Цветковска, претставник од Министерството за труд и социјална политика.
Имено, невладината организација
„Отворена Порта – Ла Страда“ на меѓународно ниво од 2000 година стана членка на
„Ла Страда интернационална“ за подоцна во текот на своето работење да стане
член и на други мрежи, како што е кампањата на “Clean
clothes”, Глобалната
алијанса за борбата против трговија со жени и слично.
Целата јавна панел дискусија можете да ја погледнете на официјалната Фејсбук страна - Отворена Порта @OpenGateMacedonia.
Линк: https://www.facebook.com/OpenGateMacedonia/