По интервјуто на српскиот сериски силувач се актуелизира прашањето за воведување смртна казна: Во Македонија последната беше извршена во 1987 година

Добивај вести на Viber

фото: Facebook/Ženska solidarnost

Во новинарството се случи неприфатливото - сериски силувач даде интервју со вознемерувачки детали за српски „Информер“, кое јавноста го оцени како сосема ново ниво на зло и непочитување кон жените

Белградскиот „Информер“ вчеравечер објави интервју со серискиот силувач Игор Милошевиќ, кое остави многумина без зборови. Тоа беше преседан во српското новинарство, каде силувач зборуваше за своите злосторства со вознемирувачки детали. 

Јавноста се согласува дека давање простор на силувач е недозволиво, но го посочија и проблемот што Милошевиќ се нашол на слобода без соодветна програма за ресоцијализација.

Протести во Србија по интервјуто на српскиот сериски силувач кое ја потресе јавноста

Токму пред редакцијата на српски „Информер“, феминистичкото здружение „Женска солидарност“ организираше и протест каде толпа жени скандираа „Насилниците во затвор, не во медиумите!“ и дека ова што се случи е неприфатливо и недозволиво.


 „Женска солидарност“  објави и реакција на интервјуто на „Информер“ со серискиот силувач Игор Милошевиќ, каде посочија дека ослободувањето на сериски силувач и давање простор во медиумите е уште една од низата дехуманизирачки и мизогинистички практики на кои сме сведоци на јавниот простор.

-Во текот на претходните денови во медиумите, чие покривање кулминираше со интервјуто на „Информер“ со Игор Милошевиќ, не само што се создава атмосфера на парализирачки страв, туку и одговорноста за одбрана од потенцијалното насилство се префрла на жените кои меѓусебно се информираат каде можат да купат спреј, нож или како да научат да се бранат физички - истакнаа од здружението додавајќи дека е о
собено неетички што за сето тоа пишуваат медиумите кои во други случаи на сексуално насилство ги доведуваат во прашање признанијата на жените жртви на истото.

Понатаму тие побараа интервјуто веднаш да се отстрани од сите портали, а во иднина да се следат насоките на Новинарите против насилство. Побараа да се обезбеди основната потреба на жената за физичка безбедност на приватен и јавен простор и ниту еден таблоид никогаш повеќе да не се осмели да го искористи женскиот страв од машко насилство, па дополнија:

-Искуството од работа со жени кои преживеале некаков облик на машко насилство, особено сексуално насилство, покажува дека тие континуирано доживуваат предавство од системот. Нивното искуство е потценето и доведено во прашање, а преживеаните најчесто минуваат низ секундарна виктимизација и постојано насилство од институциите. Наместо да ги заштитат и да донесат правда, институциите ги третираат жените како еднакво виновни за насилството што го доживеале.

Наместо да шират парализирачки страв и да им даваат простор на насилниците, медиумите имаат должност да го покренат прашањето за безбедноста на жените и зошто институциите свесно го пуштаат серискиот силувач на слобода. Во согласност со моќта и одговорноста што ја имаат, медиумите треба да вршат притисок врз институциите да спречат нови и адекватно да процесираат претходни случаи на насилство. Медиумите, пак, повторно избраа да известуваат за насилството на сензационалистички начин и со тоа индиректно се ставија на страната на насилниците и против сите жени.

Ги повикуваме сите јавни служби и надлежните служби да истражат како се одвивала промоцијата на силувачите и изработката на видео во кое на Милошевиќ му е дозволено да опишува силувања и експлицитно да стави до знаење дека се уште е опасност за жените. Тој секако не е единствениот маж кој е закана за безбедноста на жените, но тој е барем еден од кого можеме јавно и колективно да се заштитиме - реагираа од „Женска солидарност“.

Некои од српските медиуми се оградија истакнувајќи дека во медиумите се случи неприфатливото и дека интервјуто со сериски силувач повторно ги трауматизира своите жртви.

За Нова.рс, срспки социолог, Јелена Ризниќ од „Женска солидарност“, интервјуто со силувач го оцени како „сосема ново ниво на зло и непочитување кон жените“.

„Нема поадекватен коментар освен дека се случило неприфатливото, дека му е отстапен простор на насилникот, дека жените кои го преживеале неговото насилство биле ретрауматизирани, но не само тие, туку и сите жени кои доживеале некаков облик на сексуално насилство. Во исто време беше испратена порака дека ниту една жена не е важна, дека нашите животи и нашата безбедност не се важни и дека единствено релевантно е колку кликови ќе донесат одредена содржина“, изјави Ризниќ за порталот Nova.rs.

Таа истакна дека единствената причина зошто оваа приказна привлекла внимание е затоа што се работи за ликот на „идеалниот силувач“.

Ризниќ го оцени како недозволив односот на медиумите кон проблемот со сексуалното насилство во последните денови, откако беше објавена веста дека силувачот е ослободен.

„Недозволиво е да се сее страв и да се префрла одговорноста за насилството на жените. Нормално имаме развиено стратегии за преживување дури и во навидум банални ситуации бидејќи знаеме дека опасноста демне на секој чекор, но не треба да бидеме инстанцата што ќе се справиме со неа, не сме ние тие што треба да ги смениме нивните животи поради насилниците, туку Институциите треба да ги заштитат жените“, изјави Ризниќ за порталот Nova.rs.

Борецот за женски права и адвокат Марија Станковиќ го посочи проблемот зошто Милошевиќ се нашол на слобода без програма за ресоцијализација.

„Тоа покажува дека немаме добра законска рамка, дека казните за враќање на силувачите се несоодветни. Дефиницијата на целта на казнувањето е спречување на извршување на кривично дело. Милошевиќ во самото интервју вели дека бил малтретиран. Затоа се работи за длабока траума и патолошко однесување. Тој не може да постапува рационално. Прашање е дали и кој правел некаква психолошка/психијатриска терапија со него во затвор“, изјави Станковиќ за порталот Нова.рс.

Таа праша дали пред ослободувањето на Милошевиќ бил консултиран стручен психијатар и како било одлучено тој да биде ослободен:
„По којзнае кој пат е на слобода без план, без средства и без надзор. Навистина верувам дека е само прашање на време кога ќе направи ново кривично дело и можам само да се надевам дека тоа нема да биде силување“, изјави Станковиќ и оцени дека системот „уште еднаш пропаднал“.

„Повторно, жените ќе страдаат поради тоа. Иако го сфаќам како личен пораз, не одам ни во продавница без спреј. Жал ми е што немам друг совет да им дадам на жените освен да се грижат за себе бидејќи не можат да се потпрат на институциите. А самото интервју е во согласност со весникот во кој е објавено, иако од интервјуто се гледа дека Милошевиќ никогаш не требало да се најде на улица и дека нема основа за функционален живот и приспособување кон околината. - изјави Станковиќ за Нова.рс.

„Новинарите имаат одговорност, иако во овој случај нивната не е најголема“, заклучи Станковиќ.

По ова интервју, повторно се актуелизираше прашањето за воведување смртна казна за силувачи и педофили.

Смртната казна во Србија се применувала од раѓањето на современата држава во 1804 година до 2002 година, кога (26 февруари) била укината со закон. Последната егзекуција, со стрелачки вод, била извршена на 14 февруари 1992 година.

Во Македонија, последната смртна казна е извршена во 1987 година по пресуда на тогашниот скопски Окружен суд токму за грозоморен случај на педофилија. 

Имено, таткото монструм Маље Зекири од кичевското село Зајас ја силувал, задавил и запалил сопствената ќерка. Педофилот бил стрелан неколку дена подоцна.

48-годишниот Зекири, повратник од Белгија, родум од Зајас, бил осуден на најтешката казна – осуден на смрт со стрелање. 

Зекири извршил полов напад врз својата 15 годишна ќерка Беглија, а потоа со најлонско јаже, коешто го носел во џебот, ја задушил правејќи јамка околу вратот. Со цел да го прикрие злосторството, ја собрал нејзината облека и ја ставил врз веќе мртвата ќерка и ја запалил со надеж дека телото ќе изгори.

Изрекување на смртна казна за ваков случај не била прв пат во бивша Југославија. Но оваа била единствената која била извршена,
По осамостојувањето на Македонија направени се измени во Кривичниот закон и смртната казна е укината. 


Р.Ж.М