Почеток на школската година не смее да се претвори во театар на родителите: Експерите предупредуваат - Важни се децата!

Секој септември илјадници ученици се враќаат во училишните клупи, а со тоа се отвора и прашањето како родителите треба да се однесуваат кон овој ден.
За некои семејства, првиот училишен ден е вистински празник, додека други сметаат дека треба да се третира како дел од секојдневната рутина.
Психолозите и педагозите истакнуваат дека најважно е родителите да најдат баланс. Ако денот се прикаже како нешто премногу свечено, кај детето може да се создаде дополнителна трема и страв од големи очекувања.
Од друга страна, ако се игнорира значењето на првиот училишен ден, детето може да се почувствува запоставено или недоволно мотивирано.
-Според мене, најдобро е родителите да се однесуваат природно и смирено, како денот да е дел од секојдневието, но со мала доза на позитивна возбуда. Ако го претворат во голем настан и премногу формален, детето може да се почувствува под притисок. Смиреноста, охрабрувањето и довербата се клучни за полесна адаптација на секое дете, вели Софија Петковска за „Женски магазин“.
Се препорачува родителите да бидат смирени и поддржувачки, да ја слушаат возбудата или загриженоста на своето дете и да го охрабрат дека училиштето е место за учење, дружење и нови искуства.
Најдобриот пристап е првиот ден да се третира и како посебен момент, но и како почеток на нова рутина. Така, децата ќе научат дека школото е важно, но и дека е природен дел од животот.
Првиот училиштен ден за деца од социјално ранливи групи
Во Скопје постои Дневен центар „Гнездо“ кое се занимава со згрижување и помош на деца кои потекнуваат од социјално загрозени семејства. Во рамките на Центарот се запишани 35 деца.
Досега во Гнездо се запишани 35 деца. Во секојдневните активности присутни се по околу 10-15 деца, не секогаш истите и не секогаш редовно. Гнездо летово функционираше со дневен престој за дечиња од 4 до 14 години, од 9 до 13 часот, вели Андреа Накова од „Новинари за човекови права“.
Освен што се занимаваат со згрижување на деца, тие нудат и материјална помош која е предуслов децата од социјален ризик, достоинствено да ја започнат школската година.
Со почетокот на училишната година, на 1 септември дадовме донација на 15 дечиња во форма на ранци и целосен училишен прибор, со што ќе го олесниме товарот на родителите кој е неизбежен во овој период, вели Накова за „Женски магазин“.
Таа додава дека има напредок во поглед на освестување на голем број поединци, компании и здруженија кои сакаат да учествуваат во хуманитарната работа и да придонесат децата од социјален ризик, да не ги почувствуваат разликите со другите дечиња од нивната училишна средина.
Во текот на овие 3 и пол месеци работа, преку активности, работилници за комуникација, едукација, дружење, одбележување поважни денови, спортски игри - кај децата кои доаѓаат редовно забележан е напредок во смисла - полесна комуникација едни со други, тимска работа и лидерство, поголема концентрација, лесно адаптирање на нови средини и деца, менаџирање на ред и дисциплина, разбудена желба за истражување, учење и откривање, промоција и инклузија. Морам да напоменам, дека настрана будење на интересот и напредокот кај децата, во овие месеци забележан е напредок во самата заедница - граѓаните дознаваат за Гнездо, невладини организации се интересираат за соработка, компаниите се интересираат како да донираат и помогнат, потенцира Андреа Накова.
Родителите не треба да прават театар, потребно е да им бидат вистинска поддршка на децата
Родителите не треба да прават театар од почетокот на учебната година и да го претвораат првиот ден во нешто преоптоварено со очекувања или спектакуларни моменти.
Она што навистина им е потребно на децата е стабилна поддршка, јасна насока и чувство дека имаат на кого да се потпрат во текот на целата учебна година. Наместо големи гестови, многу поважно е секојдневното охрабрување, интересот за нивните задачи и разговорите за тоа како се чувствуваат и со што се соочуваат.
Образованието не се состои од еден ден, туку е процес што трае со години, а успехот се гради чекор по чекор. Родителите кои се смирени, доследни и трпеливи им покажуваат на децата дека школото е дел од животот, а не единствено нешто за кое треба да се стравува или премногу да се воздигнува. Вистинската сила е во континуираната поддршка и љубов.
М.С.К