Почна „Викенд без ДДВ“: Искористете ја шансата

Стартува мерката „Викенд без ДДВ“.
Ова е мерка на Владата која се однесува на домашни производи, услуги, компјутери и ИТ-опрема за кои ќе се враќа целиот износ на платениот ДДВ.
Мерката важи за промет до 30 илјади денари направен денес, утре и задутре.
Тоа значи дека граѓаните ќе добијат назад 18, односно 5 отсто од вкупниот износ на фискалната сметка, под услов сметките да ги скенираат преку апликацијата на УЈП „Мој ДДВ“.
Ако се пречекори овој рок или се надмине износот, или ако на сметките има и производи кои не се означени како домашни, тогаш повратот на данокот ќе се врши според редовната стапка од 20 отсто од уплатениот ДДВ.
За прометот кој чини повеќе од 30.000 денари ќе важат вообичаените правила за поврат на 20 отсто од платениот ДДВ за домашните производи и услуги и 10 отсто за странските, а повратот ќе се врши по истекот на тримесечјето.
Се верува дека со оваа мерка ќе се вратат парите кај граѓаните, но и ќе се сузбие сивата економија.
Бидејќи оваа година имаме онлајн настава за повеќето ученици, власта им порача на родителите дека за време на овој викенд можат да купат лап топи или мобилни за своите деца. Околу 40.000 деца немаат уреди за да следат настава онлајн.
Од ВМРО-ДПМНЕ изразија загриженост дека гужвите може да доведат до нов кластер на заразени со коронавирусот.