Пожарот во Раштак им го пеплоса имотот: Децата во паника ги собираа личните работи, 10 часа дишевме отровен чад, институциите мора го најдат и законски да го испроцесираат сторителот

Со големи психолошки и здравствени последици се соочува пет члено семејство, откако пожарот во скопското село Раштак им го пеплоса тоа што го создавале 12 години со свој труд и пот,.
Пред два дена изби пожар на отворен простор на Скопска Црна Гора, над скопското село Раштак. Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер. Чадот од пожарот беше видлив од поголем дел од Скопје.
Нивната органската земја на која не е искористена хемија над една деценија, сега е претворена во згариште.
10 часа биле директно изложени на отровен чад во борбата со стихијата. Три дена по пожарот ги печат очите, грлото, но најмногу душата.
- Деца кои во паника ги собираа највредните лични работи од куќата која беше директно загрозена, беа метри во прашање. Стрес кој не знаеме какви последици ќе остави...10 часа директно дишење отровен чад во борбата со стихијата
Психолошки и здравствени последици од исчезнувањето пред очи на се што 12 години со лично наш труд и пот, со свои раце сме го создавале. Месеци на неизвесност и органска земја на која трошка хемија не е искористена над една декада, а сега претворена во згариште.
Директни лични мерливи штети:
Амбар полн со сточна храна, придружни земјоделски објекти, специјални системи со стотици метри електрични огради за живина. Струјни, водоводни и инсталации за надзор
Малку живина, млад овоштарник во формирање со десетици и десетици разновидни растенија, градинарски производи во тек. Мал пасивен соларен стакленик. Домашен систем со фотоволатаици
Алатница со современ личен градинарски и домашен алат за сите намени, разновиден инвентар (маси, полици, опрема...) Скоро половина куќен двор - посочува тој.
Но најклучна е индиректна заедничка потешко мерлива штета: Исчезнување на желбата да се ревитализира селото, а со тоа и државата. Зашто ако за неколку часа можат да се уништат декади труд и вложувања поради неодговорност и неорганизација, зашто некој би се трудел и вложувал? Не бегаат децата и возрасните од што нема пари и работа во државава. А можеби најтешко од се, секојдневната болка кога наместо зеленило, птици и иднина, ќе гледате згариште и бесперспективност.- вели Н.М и ги наведува клучните причини за пожарот. ..
- Некој реши да пали стрниште на ден пладне во лето, оттаму тргна се. Ветерот го направи останатото. Јас сум тука повеќе од 13 години. Секоја, буквално секоја година се палат десетици стрништа од соседната страна. Никој, ама буквално никој од институциите не сум слушнал да реагира. Порано се јавувавме, после престанавме... Овојпат институциите мораат да го најдат и законски да го испроцесираат сторителот. Брзо. Ефикасно. Ако има волја, тоа се прави за неколку дена. Ако им е тешко, само нека погледнат кои ниви се запалени и претходните денови, се гледа како на дланка. Па јунакот кој запали дента лесно ќе се најде.
- Се наоѓаме на 15км од центарот на главниот град, и немаме (редовно) водоснабдување. До скоро немавме и никакво. По снемувањето на струја, секнаа личните пумпи, за среќа набрзо потоа пуштија од тоа малку заедничка вода што имаме и тоа помогна да не се пеплосаат и куќи и животи. До вечерта секна. Можете ли да ги замислите моментите кога пред вас огнени јазици голтаат се што сте сонувале и сте се бореле да го создадете, а вие беспомошни немате ни основна алатка да се спротивставите? Се изнаредија градоначалници и партии, планината има вода, а ние за малку живи ќе изгоревме. Овојпат нема да попуштиме, не не интересираат интереси - не интересира воздух, вода, живот.
Немаме појаси за заштита од пожар кога веќе знаеме дека имаме неодговорни сограѓани.
Земјиштето не се обработува што придонесува за ширење на пожари
Тие што лично ме знаат, знаат со кој ентузијам сум го создавал се ова што се пеплоса. Од неделата имам и нова цел – сите овие причини погоре да се отстранат. Не знам дали тоа ќе трае 2,3, 5 или 20 години, ама знам дека ќе се борам на сите можни начини и ќе ве замолам сите да помогнете – не само со читање, споделување и сожалување кое ќе исчезне за некој ден, туку со активно учество во отстранување на причините. Тоа ќе помогне да се залечат раните на овој случај и да се спречат многу, многу други. И којзнае, можеби да се спасат животи - посочува Н.М..
За крај изразува огромна, бескрајна благодарност на храбрите пожарникари кои спасија да не исчезне се, можеби и животи – без доволно опрема, без најдобра координација, ама со срце и храброст.
- Дојдоа точно навреме да ги спасат куќите. Благодарност и до пилотите кои со специјалните летала во 2-3 наврати исфрлија течност, некои и точно пред нашите куќи, едниот од нив особено прецизно, во низок лет. Да тргнеа малку порано, малку од ова ќе се случеше, но дојдоа во критични моменти и не спасија. Момци, не знам кои сте, ама сакам да ве запознаам и вас и пожарникарите кои гасеа во мојот двор. Лично да ве запознаам, да ви се заблагодарам, да ви стиснам рака и еден ден да ве почастам по една пијачка и ручек, тоа е најмалку што можам да направам за вас.
Благодарност на многуте добри луѓе, соселани, комшии и непознати кои не знам од каде се појавија и помагаа кој како знаеше и можеше. (пасивните набљудувачи не вредат да се спомнат, и нив ги имаше како и секогаш...)
Тешко ми е да изустам, но ние сепак имавме среќа и волја на Севишниот кому сме му благодарни да не изгубиме животи, не беше далеку... Ако само прочитате и ништо не преземеме да ги решиме причините горе, многу скоро некој друг од нас, од вас, ќе помине низ истото, а можеби и полошо - посочува тој и додава:
-Одвреме-навреме ќе ве информираме што се случува, како се реагира за сите причини погоре, дали и што направиле институциите и како може да помогнете - за да ни помогнете и да си помогнете... Ова приказна нема да биде спринт, туку маратон...Печат очите, пече грлото од пожарот, ама најмногу пече душата - заклучува Н.М...
С.А.Н