Редарите во кафеаните на мака: Тројца ни доаѓаат со сертификат за вакцина, двајца без, враќаме гости (ФОТО)

Добивај вести на Viber

Голем дел од редарите се измачија на првиот ден откако стапи на сила новата одлука на Владата, во угоститрелски објект да не смее да влезе никој без приложен сертификат за вакцинација или документ за прележан Ковид до 45 дена.

Во сите кафе-барови, ресторани и хотели во Скопје и во Охрид, редарот кој е всушност еден од келнерите бара потврда, па потоа ги пушта гостите да седнат на терасата. На охридскиот кеј каде што масите на кафулињата се поставени на самото езеро, гостите го приложуваат сертификатот штом ќе седнат на маса.


-Се изнамачивме денес. Тешко оди. Се забораваат луѓево, тројца доаѓаат со серификат, двајца без, мораме да враќаме луѓе“, коментираше еден келнер во ресторан во Охрид. Бевме сведоци на ситуација кога едно момче, кого девојката го чекаше во ресторанот, на брзина помина покрај келнерот-редар и седна на маса кај девојката без да му покаже сертификат или документ. Келнерот почна да трча по него.


-Господине, сертификат ве молам“. „Оф, го заборавив во кола. Го немам на телефон“, му рече момчето на келнерот. Потоа нервозно почна да врти на пријател: „Слушај брат, ми остана сертификатот напред во кола. Враќај се како знаеш брзо и донеси ми го“, му рече момчето на пријателот кај кого очигледно му бил автомобилот. Келнерот го замоли момчето да го напушти ресторанот додека не донесе сертификат.


Видовме и уште два примери, и во Скопје и во Охрид кога млади луѓе, или заборавајќи се, или очекувајќи дека ќе успеат да се напијат пијалок без да покажат документ, беа вратени од кафе- баровите од страна на келнерот.


Во еден охридски хотел, редар стоеше на вратата. Туристи го замолија само да се послужат со тоалетот, и му покажаа сертификат за вакцинација за влез во објектот.

М.Џаровска

Фото: В,Тануровски