Септември донесе нов метеж на границите и патарините: Се претвора во идеален месец за летен одмор!

Иако летниот одмор традиционално се поврзува со јули и август, првите денови од септември годинава донесоа нов метеж на граничните премини и клучните сообраќајници низ Македонија.
Голем број граѓани од соседните земји, но и домашни туристи, токму овој период го избраа за патување, што доведе до значително зголемени задржувања.
Најголеми колони се забележуваат на граничниот премин „Богородица“, каде возилата со часови чекаат за излез или влез во државата. Дополнителен сообраќаен притисок се чувствува и на патарината „Романовце“, која претставува еден од најфреквентните правци за транзит на странските туристи кон Грција, но и за повраток кон земјите од Централна и Источна Европа.
Според првичните информации, најголем дел од возилата имаат странски регистерски таблички и се движат кон правец на јужната граница, што укажува дека почетокот на септември за многумина е идеално време за започнување на летниот одмор – со помали трошоци за сместување и избегнување на јулско-августовската жештина.
За разлика од „Богородица“, на северниот премин „Табановце“ состојбата е значително подобра. Благодарение на имплементацијата на системот ONE STOP, кој овозможува побрзо завршување на граничните формалности, времето на чекање е сведено на минимум.
Овој систем веќе подолг период функционира како пилот-проект за олеснување на протокот на патници и возила, и според надлежните, дава конкретни резултати.
Автомобилските асоцијации предупредуваат дека сообраќајниот метеж најверојатно ќе продолжи и наредните викенди, бидејќи септември е избор на многу семејства и туристички групи кои ја избегнуваат летната гужва. Тие апелираат возачите да бидат трпеливи, да носат доволно вода и да планираат дополнително време за патување.
Иако сообраќајните власти засилено ја следат состојбата, останува фактот дека почетокот на септември станува нов врв на туристичката сезона. Границите и патарините сè повеќе се претвораат во критични точки на кои се мери пулсот на патувачките навики во регионот.
РЖМ/МСК