Што скопските општини може да научат од општините од другите градови кога е во прашање амбалажниот отпад!

Добивај вести на Viber

Оваа есен скопјани дознаа колку голем предизвик е да се одржи чистата животна средина, чисти улици и чисти тротоари, но тешката ситуација која ги затекна можеби им помогна и да сфатат колку отпад се создава секојдневно во овој голем, скоро милионски град.  И додека општините ширум земјава постојано бараат нови начини како да ја подобрат ситуацијата на терен, да ја зајакнат отпадната инфраструктура и да ги мотивираат нивните жители да бидат повеќе еко-свесни - се чини дека скопските општини свесно ги игнорираат начините на кои може ефективно да делуваат кон намалување на отпадот.

Скоро 40% од целокупниот отпад кој се исфрла во контејнерите е амбалажен отпад, како картонски кутии, пластични и стаклени шишиња, лименки и слично. Сиот овој отпад може, а и треба, да биде селектиран и да заврши на рециклирање, наместо на депонија.

Некои од помалите општини во земјава веќе со години јавно и транспарентно вложуваат во подобрување на условите за управувањето со отпадот, кои не само што помагаат нивните контејнери, тротоари и улици да бидат чисти – туку и даваат позитивен пример за заедницата дека онаму каде што има волја, има и позитивни резултати.

Добар показател за тоа е, да речеме, иницијативата за поставување на Повратни вендинг машини (ПВМ) за амбалажен отпад од страна на Пакомак во соработка со Швајцарската амбасада, која започна пред неколку години и денес вакви машини можат да се видат во повеќето општини во земјата. Овие машини се поставени на стратешки локации, со цел заедницата да може лесно и едноставно да го одложува амбалажниот отпад во вид на пластика и лименки, а за секое одложено парче отпад жителите добиваат повратни „зелени поени“ кои се акумулираат во мобилната апликација Екомак. Практично во секоја општина каде што се поставуваат ПВМ е забележан пораст на интересот за селектирање на отпад, а пластичниот отпад се’ поретко може да се забележи во обичните контејнери. Дел од општините дури даваат и дополнителна поддршка за оваа иницијатива, преку субвенционирање на т.н. „зелени поени“ – со што ваквите поени добиваат двојна вредност и жителите имаат двојно поголема корист од нив. Ваквата пракса веќе одамна ја применуваат 14 општини како Берово, Штип, Битола и многу други. Но, ова не е случај со ниту една општина во Скопје.

Како најголем град во земјата, во Скопје се поставени и најмногу машини, распоредени во скопските општини. Меѓутоа ниту една скопска општина досега нема решено да ги субвенционира „зелените поени“ – иако сите овие локални самоуправи знаат дека тоа би донело двојна добивка – и за граѓаните, и за самите општини. Затоа што вредноста на субвенционираните поени потоа Општината може да ја донира и да ја реупотреби во пошироки цели. Можеби е време Скопје и неговите општини да земат пример од некои од помалите градови...

Ако се земе предвид ситуацијата на терен, може да се заклучи дека во општините каде што се субвенционираат „зелените поени“ жителите се помотивирани да го селектираат отпадот, собираат повеќе отпад, а тоа носи и до воспоставување на трајни здрави навики во целата заедница.

Но, уште поважна и позначајна придобивка за општините е тоа што помала количина на амбалажен отпад завршува во обичните контејнери. А во текот на целата „отпадна криза“ во Скопје, ПВМ и контејнерите за селективно одложување на пластика, хартија и стакло редовно се празнеа и беа чисти, што не беше случај со другите контејнери и отпадни садови. Што значи ваквата еко-пракса работи и навистина придонесува за градот, општините, улиците да бидат почисти.

Селектирањето отпад преку повратни вендинг машини значително го забрзува растот на одговорноста и свеста, но поттикот кој го даваат самите Општини ја стимулира ангажираноста на граѓаните и прави тие да се вклучат во поголем број. Навистина би било добро доколку ова биде уште една тема за размислување на состаноците на скопските општински советници и градоначалници... бидејќи не’ засега апсолутно сите.

*пр објава