Македонска песна ечеше во „Ватрослав Лисински“: Андријана Јаневска со македонска песна ја освои загрепската публика (ВИДЕО)
Македонската пејачка Андријана Јаневска настапи во престижната концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, на јубилејниот 20-ти концерт „Севдах во Лисински“, кој традиционално го слави балканскиот музички дух и емоција.
На покана на организаторот Томислав Кашљевиќ, Јаневска имаше чест да ги изведе три легендарни македонски народни песни – „Зајди, зајди јасно сонце“, „Јовано, Јованке“ и „Македонско девојче“, со што внесе автентичен македонски звук и емоција на оваа голема сцена.
На настапот ја придружуваше оркестар составен од 11 врвни музичари од Босна и Херцеговина, што создаде уникатна фузија од традиционален севдах и македонска мелодичност.
Во објава по концертот, Јаневска сподели дека ова искуство за неа било посебно и длабоко лично:
„Посебен момент на гордост како единствена Македонка на сцената почувствував кога публиката заедно со мене ги пееше македонските народни песни.“
Настапот на Јаневска беше поздравен со долготраен аплауз и емоции во салата, потврдувајќи дека македонската песна и натаму допира до срцата на регионалната публика.
Со својата интерпретација полна со топлина, чувство и професионализам, Андријана Јаневска уште еднаш покажа зошто се смета за еден од највредните гласови на македонската сцена, која со достоинство ја претставува македонската култура и музичка традиција надвор од границите на земјата.
РЖМ - Г.Д.Г
Фото: Фејсбук