Швеѓаните беа дистанцирани и пред вирусот, ние да сочуваме барем личен простор – по него

Добивај вести на Viber

Шведска беше често спомнувана како различно исксуство во справувањето со новиот вирус, но тоа не е нејзината единствена посебност. Швеѓаните беа социјално дистанцирани пред да стане тоа глобална хит-препорака за спречување на натамошното ширење на вирусот.

Вицот за Швеѓаните кои се чудат зошто сега, среде пандемија, да ја намалуваат вообичаената оддалеченост на само два метра, всушност, зборува колку е личниот простор важна одлика за начинот на живот во оваа земја. И не само во Шведска. Сите нордиски земји, Норвешка, Финска и некои други северноевропски земји го имаат социјалното дистанцирање како животен стил многу пред тоа да стане главна антипандемиска мерка на сезоната зима- пролет 2020.

Фото: LucasLux

Фотографии објавени на мрежата Имгур, снимени пред пет години покажуваат дека Швеѓаните практикуваат физичка оддалеченост со генерации наназад и дека таа е кај нив вообичаена социјална норма – на автобуска станица, во маркет и секаде кадешто сега во корона-добата се очекува да ја практикуваат и сите други ненордијци. 

- Сакаме релаксираност и не дозволуваме баш некој непоканет да ни ја нарушува. Сакаме да бидеме оставени на мира од непознати – велат толкувањата на колективниот нордиски дух.

Луѓето на југот се поинакви и тие, за разлика од нордиските народи,  потешко ја усвоија анти-корона препораката за физичка оддалеченост. За домашниот колективен менталитет се смета дека припаѓа на медитеранскиот круг и сака гужва, групирање, па и маса. Кај нас, во празен автобус, вториот корисник ќе седне на седиштето пред или зад првоседнатиот. Во времето пред короната (кога кафеаните сè уште работеа), во полупразна кафеана новите гости ќе седнеа веднаш до масата кадешто веќе има посетители, сеедно што целиот друг простор е празен. Можеби и затоа препораката за дистанцирање се усвојуваше полека и со неубеденост, за што сведочат и редарите пред маркетите и исцртаните точки за чекање пред банките.

Но, кога сè ова еден ден ќе помине и социјалната дистанца ќе стане повторно ненужна, може ли да ја сочуваме барем како неопходен личен простор?

Јасна Франговска