Син ми е со посебни потреби, за да му се подобри моториката заедно го изработивме првиот професионален сет на тапани во регинот: Сашо Стојановски, џез музичар за Женски магазин
Сашо Стoјановски e истакнат музичар со 20 годишно искуство на музичката сцена како инструменалист на тапани. Пред извесен период започна со еден голем подвиг чија цел е да инспирира многу луѓе да бидат хумани, да се подигне свеста за лицата со атипичен развој, интегрирање на лицата со посебни потреби во секоја сфера во нашата држава, како и поддршка и помош на родителите на лицата со посебни потреби. Тој се соочил со низа проблеми во здравствениот систем и бариери во општеството. Татко е на Филип (13 години, дете со посебни потреби, кое боледува од ретко генетско заболување X-Fragile Syndrome.

Со својот син го изработија првиот професионален сет на тапани во регинот. Со нив го сними својот прв авторски џез албум кој го посвети на својот син и на сите лица со попречености.

- -Идејата беше да изработам сет на тапани кои ќе бидат официјално и прв ваков тип на инструмент во нашата држава, каде директно е вклучено лице со посебни потреби. Планот беше да биде изработен во домашни услови со основен алат кој го поседувам и секое слободно време да го поминам интерактивно со моето дете, покажувајќи му го процесот на градење на инструментот. Тоа за него беше повеќе од игра и беше квалитетно поминато време во истражување на нови предизвици. Секојдневно добиваше задолженија во рамки на неговите можности, каде директно беше вклучен во самиот процес. Едукативно се надогради и се запозна со алати кои што се неизбежни во одредени занаети. Со овие задолженија видно се подобри неговата моторика. Идејата за брендот и логото на сетот ми беше повеќе од јасна дека тоа ќе биде некој интернационален знак за деца со некаква попреченост. Изборот беа два пазли во кои се вметнати моите иницијали S.S. И успеавме во тоа - вели Стојановски.

На 25 Септември во МКЦ ќе се организира голема хуманитарна работлница и промоција на албумот кој ќе добие максимална поддршка од истакнати македонски музичари. Од вчера на социјалните мрежи започна да се емитува спотот за песната „Ден посебен “кој ја отпеа Џон Илија Апелгрин каде главни актери се Ана Беќарска( лице со интелектуална попреченост) и Александар Матовски-Цако (лице со Даунов синдром).
(С.А.Н)