Словенија сјае зелено, Македонија тоне во отпад: две приказни од истиот Балкан

Словенија повторно го потврди своето водство во одржливиот туризам – дури осум нејзини дестинации, меѓу кои Блед, Љубљана и Бохињ, се најдоа на престижната листа „Топ 100 зелени дестинации“ за 2025 година. Земја со нешто повеќе од два милиона жители успеа да се позиционира како глобален пример за тоа како се гради туризам што ја почитува природата, ја вклучува заедницата и создава долгорочна вредност.
Словенечката стратегија за „зелен туризам“ не е случајна. Таму секоја општина што сака да се промовира како туристичка дестинација мора да покаже конкретни резултати: управување со отпад, заштита на водните ресурси, ограничување на автомобилскиот сообраќај во природни зони и охрабрување на локални производи. Резултатот е јасен – светот ја препозна Словенија како земја што не го продава само пејзажот, туку и совеста.
А каде сме ние? Македонија, со своите езера, планини и национални паркови, има потенцијал за зелени чуда – но сè уште живее во сивилото на негрижата. Туристички капацитети се градат без еколошки стандарди, дивите депонии се дел од пејзажот, а поимот „одржлив туризам“ во повеќето случаи служи само како флоскула во проектна документација.
Во Охрид, кој би требало да биде природен и културен бисер, сè уште се фрла отпад во езерото и се уништува крајбрежјето со нелегални градби. Националните паркови се без реална заштита, а туристите кои сакаат „еко-искуство“ често гледаат пластика на патеките и уништени шуми.
Словенија ја гради својата иднина преку зелената идеологија, ние ја трошиме сопствената сегашност со неодговорност. Додека тие освојуваат меѓународни признанија, ние уште дебатираме кој треба да го исчисти ѓубрето по викендот.
А вистинското прашање е: ако Словенија со осум зелени дестинации може да биде модел за светот, кога конечно Македонија ќе има барем една што ќе биде пример за себе?
РЖМ/Ирена С. ФОТО-Freepik/Unsplash-Pavol Svantner