Студен октомври: Зимата пристигна порано, еве каде падна првиот снег

Добивај вести на Viber

Првиот снег во Македонија – Попова Шапка и Маврово под бела покривка.

Утрово на социјалните мрежи се појавија фотографии од првиот снег во Македонија. Снежната идила доаѓа од Попова Шапка, каде што е забележана првата сериозна снежна покривка за сезоната.


Во Скопје утринава преовладува врнежливо време со значително пониски температури. Според метеорологот Славчо Попоски, под влијание на циклонска активност и навлегување на многу ладна воздушна маса од исток и североисток – поточно од Русија – времето во земјава ќе остане нестабилно до крајот на денот и утре (петок, 3 октомври).

Очекувањата се за облачно и невообичаено студено време за почетокот на октомври, со обилни врнежи од дожд – локално над 30 литри на метар квадратен, а на одредени места и над 60 литри. Повремено ќе дува засилен северен ветер.

На повисоките места и на планините врнежите ќе преминуваат во снег, со што се очекува формирање на снежна покривка од над 50 до 60 сантиметри. Поради падот на температурите, снег се очекува и во дел од повисоките градови во западните и северните делови на земјата.

Во Скопје и околината, времето исто така ќе биде невообичаено студено, со засилен северен ветер и пообилни врнежи од дожд. На околните планини и возвишени места се очекуваат врнежи од снег, а локално може да наврнат над 30 до 40 литри дожд на метар квадратен.

Дневните температури денес ќе се движат од 3 до 10 степени, додека утре (3 октомври) ќе биде уште постудено, со максимални дневни температури меѓу 0 и 9 степени. На планините се очекува температура под нулата и појава на мраз.

Попоски апелира до сите граѓани кои планираат да патуваат низ планинските превои да понесат соодветна зимска опрема и да бидат крајно внимателни поради можната појава на мраз и обилни врнежи од снег.

РЖМ
Фото: Instagram/Kajak.mk