Таткото на Васил, кој ја усмрти Фросина на „Партизанска“, не признава вина
Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје изјави дека не се чувствува виновен и дека не разбира што точно му се става на товар. Тој е обвинет за „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“, по трагичниот инцидент во кој неговиот син, управувајќи автомобил без дозвола и под дејство на алкохол, ја усмрти Фросина Кулакова.
Според Обвинението,Зоран Јованов,кој е воено лице, се товари дека му го дал автомобилот на Васил и покрај тоа што знаел дека нема возачка дозвола и дека претходно правел прекршоци.
Обвинителот Александар Марковски тврдеше дека Јованов, преку родителска попустливост, придонел за создавање на опасната состојба.
- Во случајот станува збор за еден ноторен факт – татковата љубов спрема синот единец била голема, но резултирала со несреќна пропустливост на родителот кон синот кој што се оддал и на пороци, рече тој.
Обвинителот посочи дека обвинителството ќе докаже дека таткото бил тој кој придонел да се генерира опасната состојба од страна на неговиот син, обвинетиот Васил Јованов.