Виена на нозе по беспрекорната изведба на Македонската филхармонија со Ана и Игор Дурловски: Стоечки овации во „Златната сала“ на „Музикферајн“
Виена, градот кој со векови е синоним за класичната музика, синоќа стоеше на нозе за Македонската филхармонија. Во преполната „Златна сала“ на прочуениот „Музикферајн“, оркестарот на Филхармонијата, заедно со врвните солисти Ана и Игор Дурловски, приреди концерт што долго ќе се памети – вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.

„Преполна сала. Стоечки овации. Виена на нозе и со бескрајно долг аплауз ја поздрави беспрекорната музичка изведба на Македонската филхармонија. Синоќа, на сцената на една од најпрестижните концертни сали во светот, во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство“, напишаа од Филхармонија.
Публиката во австриската престолнина со долги и бурни аплаузи ја награди беспрекорната изведба на македонските музичари. Посебен восхит предизвикаа делата „Тешкото“ и „Македонска парафраза бр. 2“ на композиторите Глигор Смокварски и Бете Илин, како и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски, во кои одекна духот и душата на Македонија.

Со својот маестрален настап, Ана и Игор Дурловски уште еднаш потврдија зошто се меѓу најистакнатите уметници на македонската сцена, додека оркестарот на Филхармонијата ја покажа својата врвна уметничка зрелост и интернационален квалитет.
Резиме на синоќешниот настап напиша и Марко Виденовиќ кој свири виола и е дел од оркестарот на Филхармонија, воедно и поет.

„Трепет, ежење, одговорност, трема, тресење на секој мускул... Брз поглед низ публиката, и таму еден куп познати лица од Македонија, наши колеги, пријатели, наши поддржувачи кои допатувале на своја режија за само и само да бидат со нас и да не поддржат, а во нивните очи некоја енергија која ти дава сила да полеташ. По првиот отсвирен тон магијата почна да работи. За да биде уште поволшебно, на сцената излегуваат Ана и Игор Дурловски, е дури за ова немам зборови да опишам. Солзи кај нас на сцената, солзи во публиката, кулминација на совршеноста. На крајот остануваме повторно сами, ние уметниците од македонската филхармонија, и се создава уште една магија. Аплауз од скоро пет/шест минути, можеби и повеќе, нормално бис и скоро две илјади среќни души. Да усреќиш еден човек е огромен успех, а замислете ако тоа го постигнете кај скоро две илјади, неописливо чувство“.
Синоќешниот
концерт во Виена не беше само музички настан, туку и културен амблем –
потсетник дека вистинските амбасадори на Македонија се нејзините уметници. Во
срцето на Европа, таму каде што музиката е религија, Македонија блесна со
целата своја топлина и уметничка моќ.
Фото: Фејсбук