Во Словенија децата учат во шума, кај нас – во бетон. Кога Македонија ќе сфати дека образованието не е само табла и креда?

Добивај вести на Viber

Додека Словенија воведува шумска терапија како дел од наставата – прошетки низ природа кои ја намалуваат анксиозноста, го подобруваат имунитетот и ја зголемуваат концентрацијата – македонските деца сè уште учат во простории без свеж воздух, често со застарени програми и минимален контакт со природата.

Биотехничкиот центар „Накло“ во Словенија е првото училиште што ја интегрирало шумската терапија во својата програма. Таму, учениците и наставниците не одат во шума само за излет, туку за вистинска лекција за телото и умот. Преку вежби за дишење, движење и освестување, децата учат да ја доживеат природата како училница. Истражувањата потврдуваат дека ваквиот пристап ја подобрува концентрацијата, ја намалува анксиозноста и создава покреативни ученици.

Кај нас, пак, „настава во природа“ е речиси исчезнат поим. Неколку основни училишта, како „Александар Македонски“, „Димитар Миладинов“ или „Браќа Миладиновци“, ја имаат наведено во своите годишни планови како можност – најчесто за петто одделение или како дел од кратка пролетна екскурзија. Во поединечни случаи се спроведуваат активности на отворено, но тоа се изолирани примери, далеку од системска пракса.

Постојат и проекти како „Learn Green – Outdoor STEM“, каде што учениците експериментираат надвор од класичната училница, но тие иницијативи се финансираат преку донаторски програми и зависат од ентузијазмот на поединци. Министерството за образование нема прецизна статистика колку училишта реално практикуваат ваква форма на настава, што доволно зборува дека не е приоритет во системот.

Шумската терапија во Словенија не е тренд, туку визија – дека смирени, љубопитни и здрави деца се темел на општество кое мисли долгорочно. Македонија има планини, паркови и природа што би можела да стане најубавата училница. Само недостига најважното – волја да се вложи во детето, а не во ѕидот околу него.



РЖМ/Ирена С.

**Дознајте сè за случувањата во шоу бизнисот, бидете во тек со темите за животен стил и мода. Пријавете се во нашата Вибер група