ВО ТЕК Е ОТКУПОТ НА БОБИНКИ ОД МОДРА СМРЕКА: Колку можете да соберете и колку ќе заработите?

Дел од младите, но и пензионерите во Македонија собираат бобинки од модра смрека и ги продаваат. Во овој период, во тек е откупот. Ова е шанса за заработка за луѓето кои собираат шумски плодови. Искусните берачи можат солидно да заработат. Од фирмите кои откупуваат шумски плодови, велат дека Македонија е навистина богата со лековити растенија, билки, овошки.
„Цената варира, а килограм чини од 150 до 180 денари, зависно од регионот и квалитетот. Луѓето ги собираат. Македонија изобилува со шумски плодови, бобинки, диви малини, капини. Има сѐ и сешто. За бобинките од смрека сретнуваме собирачи од пензионери до административци. Знаат и вработените од државна администрација да земат одмор и да ги собираат. Добар собирач, дневно може да набере околу 100 килограми, а неискусните околу 20 до 25 килограми. Бобинката од модра смрека се користи за повеќе здравствени проблеми. Тие растат во планинските места. Ја собираат од 700 па до 1.500 метри надморска височина, а расте на голи ридови. Генерално овие бобинки одат за извоз“, велат од „Херба натура“ од Скопје.
Сања Атанасовска
foto freepik.com/ededchechine