Враќање со стил: Дац и Александар со „4 СТРАНИ“

Добивај вести на Viber

По скоро две години од последната песна, Александар Митевски и Драган Спасов Дац ( Дац и Александар), се враќаат со нова песна. „4 страни“ е темпераментна љубовна приказна со нивниот препознатлив боемски звук иплод на соработка со поголема екипа на музичари. Велат дека оваа песна во целост ја пренесува атмосферата која се прави за време на нивните популарни забави низ Македонија.

Хит што веќе живее меѓу публиката

Иако официјално се појави со видео запис пред една недела, „4 страни“ предпремиерно ја освојуваше публиката на забавите низ Македонија. Фановите велат – „фаќа на прва“.Александар Митевски открива дека песната долго созревала, а во неа се слушаат и трубачите на Brasstes Skopje и мајсторот на бузуки – Трајче од “Бузуки Бенд”. Александар работеше на песната овојпат и со подмладена екипа на продуценти како AndrejNik и Димитар Kronom кои се подгрижија за миксот и мастерот.


Визуелна приказна со урбан шарм

Спотот на „4 страни“ ја спојува зрелоста на дуото со младешкиот шарм на главните актериКлара Кокев и Јанг Дади (Давид Даниловски). Сниман на повеќе локации низ Скопје, а видеото претставува мост помеѓу ретро и модерното, со препознатливиот ретро Vespa мотор како симбол на љубовно патување без граници. Атмосферата ја збогатуваат и моторџиите од Vespa клуб Скопје.


Љубовта како единствена страна

„Светот има четири страни, а јас само една – ти“ – е стихот кој ја носи суштината на песната. Со него, Дац и Александар повторно испраќаат силна љубовна порака што опива со носталгија и емоции за секој слушател, како впрочем и во сите нивни песни.


Септември во знакот на музиката

Целиот месец септември ќе помине во знакот на „4 страни“ – со промотивни настапи низ Македонија, каде публиката ќе може да го испее новиот рефрен заедно со Александар и Дац. Интересно е што во секој град, кога промовираат нова песна, публиката добива текстови од песната за да можат заедно да ја пеат и полесно да ја научат песната.


„Посакуваме оваа песна да си го најде патот до срцето на секој што ќе ја слушне,“ велат Дац и Александар.