Златна камера 300 за Дариус Конџи, плакатот дело на Киро Урдин: „Браќа Манаки“ најавува моќна програма

Добивај вести на Viber

Францускиот кинематографер Дариус Конџи е добитник на Златна камера 300 за животно дело на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи во Битола од 20 до 26 септември под мотото „Сон на платно“.

Овој врвен визуелен уметник, познат по соработките со режисери како Дејвид Финчер, Вуди Ален и Михаел Ханеке, ќе биде еден од главните гости на фестивалот и ќе одржи мастерклас. Заедно со него, добитник на Специјалната камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност е оскаровецот Воли Фистер, долгогодишен соработник на Кристофер Нолан.

Плакат инспириран од уметноста на сонот

Визуелниот идентитет на годинашното издание е доверен на реномираниот македонски мултимедијален уметник Киро Урдин, кој го изработи официјалниот плакат на фестивалот. Со неговиот препознатлив стил, Урдин создаде слика што симболично го отсликува сонот како платно – централниот мотив на оваа фестивалска година.

Фестивал на филмската камера – и на формата, и на содржината

Директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, најави „исклучително квалитетно и возбудливо издание“, со гости кои го потврдиле присуството и богата програма поделена во неколку целини.

Покрај Конџи и Фистер, признанија ќе добијат и:

Семих Капланоглу – Специјална камера 300

Кирил Џајковски – Голема ѕвезда на македонскиот филм (ДФРМ)

Филмска програма: силни домашни наслови и светски селекции

Главната програма, според селекторот Слаѓан Пенев, ќе се отвори со македонскиот филм „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој имаше светска премиера во Венеција, а ќе се затвори со „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски, веќе наградуван на интернационални фестивали.

Во интернационалната краткометражна програма, селекторите Марија Апчевска и Атанас Велковски вклучиле 14 филмови од цел свет – од Швајцарија, Турција, Сингапур, до САД и Филипини. Присутни се и домашните наслови:

„Нова енергија“ на Сара Климовска и Радован Петровиќ

Kопродукцијата „Лојнес“, премиерно прикажана во Кан

 „Оваа програма ја слави слободата и експерименталноста на краткиот филм, со голем акцент на визуелниот израз“, рече Апчевска.

Во документарната натпреварувачка програма, селекторката Кумјана Новакова вклучила осум наслови со силен социјален и културен ангажман. Дел од нив припаѓаат на хибридни жанрови, а обработуваат актуелни теми од Европа, Јужна Америка и регионот. Меѓу нив се филмовите „Кажи збогум“ и „Кога телефонот ќе заѕвони“.

Студентската програма, под кураторство на Ханис Багашов, ќе претстави 16 филма од европски и балкански филмски школи, со наслови како:

 „Сенки на месечината“, „Топли води“, „Биково око“ (Србија), „Со среќа Сара“ (БиХ), „Светло месо“ (Швајцарија).

Фестивал со традиција и светско влијание

Со респектирана историја и сè посилна интернационална програма, „Браќа Манаки“ останува централно место на филмската камера во регионот и пошироко. Годинашните добитници, македонскиот уметнички печат во визуелниот идентитет и селекцијата од светска класа, гарантираат фестивал кој ја слави магијата на светлината, филмот и кадарот.

Г.Д.Г