„Зошто е потребна злоба, завист, омраза, его... кога на овој свет сите сме дошле сами и ќе си отидеме сами“: Вака пишуваше Панчо

На денешен ден, 16-ти октомври, семејството, најблиските, пријателите и бројни колеги се простија од Владимир Блажев – Панчо, другата половина од култното музичко дуо ДНК, кој по седум месеци тешка битка со последиците од трагичниот пожар што избувна на нивни концерт во дискотеката „Пулс“ во Кочани, го загуби животот на 14-ти октомври.
Судбината беше немилосрдна. Денот што започна како прослава на музиката, на 16-ти март, заврши во трагедија што ја потресе целата македонска јавност. Панчо, кој тогаш претрпе тешки повреди, покажа неверојатна сила и желба за живот. Седум месеци надеж, молитви, тишини и стравови – завршија со болка што не може да се опише.
Но токму Панчо беше човек кој знаеше како да се справува со животот, па дури и со неговата темна страна. Неговите мисли и зборови, кои често ги споделуваше со своите следбеници, беа длабоки, човечки, вистински. Една негова објава од 2021 година, деновиве повторно оживеа меѓу луѓето како сведоштво за тоа кој беше Панчо – не само како музичар, туку и како човек со срце полно љубов, хуманост и длабоко разбирање за животот.
„На овој свет сите сме дошле сами и ќе си отидеме сами.
Си дошол гол.
Ќе си отидеш гол.
Си дошол слаб.
Ќе си отидеш слаб.
Твоето прво бањање?
Некој те избањал.
Твоето последно бањање?
Некој ќе те избања.
Тогаш зошто е потребна сета таа злоба, завист, омраза, его…..
И онака заминуваме со празни раце.
Треба да го градиме богатство во себе.
Луѓето ќе нè памтат по нашата добрина, хуманост и колку љубов сме дале и оставиле зад себе“.
Токму така ќе го паметиме Панчо.
Панчо и Андреј како ДНК беа повеќе од музичко дуо. Тие беа гласот на една генерација, гласот на разумот, на емпатијата, на љубовта. Нивните песни беа огледало на времето и душите, понекогаш како претчувство, како повик за будење. Токму затоа, денес, и секој ден понатаму, тие ќе живеат преку својата музика, преку делата што ги оставија зад себе и преку сите добрини што ги направија – тивко, ненаметливо, но со огромно срце.
РЖМ
Фото: Инстаграм