10 октомври – Светски ден на менталното здравје: Време е да ги промениме балканските уверувања

Добивај вести на Viber

Секој 10 октомври светот потсетува колку е важно менталното здравје – нешто што сите го поседуваме, но премногу често го занемаруваме. Стресот, исцрпеноста, анксиозноста и стравовите се дел од секојдневието на современата жена, но ретко кој отворено зборува за нив. Токму затоа Светскиот ден на менталното здравје е повик за искрен разговор, за прифаќање и за промена на ставовите што со генерации се пренесуваат – дека „сè е во глава“ и дека „силните не бараат помош“.

Оваа година, токму Скопје ќе стане центар на една голема регионална иницијатива. На 25 октомври, македонската престолнина ќе биде домаќин на уникатна конференција за ментално здравје под наслов „Промени балканска уверувања“, проект зад кој стои Данијела Остоиќ, познат клинички психолог и мотивациски говорник.

Остоиќ веќе години наназад патува низ регионот, држејќи инспиративни предавања што им помагаат на луѓето да се соочат со своите стравови, предрасуди и длабоко вкоренети уверувања кои ги кочат да бидат навистина среќни. Нејзината порака е едноставна, но моќна – менталното здравје е храброст, не слабост.

Конференцијата во Скопје ќе биде место каде што ќе се сретнат експерти, јавни личности и сите оние што веруваат дека е време да се зборува отворено. Време е да се смени наративот, да се ослободиме од табуата и да сфатиме дека грижата за менталното здравје е подеднакво важна како и грижата за телото.

На овој Светски ден на менталното здравје, потсетете се – не мора сè да носите сами. Понекогаш најголемата сила е да побараш подадена рака.

Жената што ја менува свеста – Данијела Остоиќ ја носи својата мисија во Скопје


Ирена Ставрова