500 излечени пациенти, казни за неносење маски: Филипче порачува да седиме дома, а надвор на растојание и со опрема

Вкупно 500 пациенти оздравени од коронавирусот, денеска се регистрирани 126 оздравени. Во изминатите 24 часа направени се 335 тестирања, а потврдени се 19 нови случаи на ковид-19, објави министерот за здравство Венко Филипче.
Во ГОБ „8 септември“ починаа 2 лица, пациентка од Липково (Куманово) на 49 години, примена на 3 април со потешкотии во дишење и веднаш поставена на респиратор и 73 годишен пациент од Скопје, примен на 19 април во многу тешка општа состојба.
Од новозаболените по градови се
- Скопје 3
- Куманово 8
- Прилеп 2
- Струга 2
- Велес 2
- Гостивар-1
- Виница 1
Со ова вкупната бројка на КОВИД-19 дијагностицирани во нашата земја изнесува 1386 лица. Досега во земјата се направени вкупно 15.120 тестирања.
Министерот за здравство Венко Филипче ќе побара од Владата да наложи казнувањето на граѓаните кои не носат заштитна опрема како што е наложено, да почне веднаш, односно од утре или најдоцна во вторник.
Денеска тој на прес конференцијаат рече дека увидел дека многу граѓани не ја почитуваат оваа препорака.
„Се почести се тие слики од граѓани кои не ја почитуваат мерката за носење маска. Некои граѓани ја носат маската под брадата или во рака. Министерството за здравство ќе достави предлог до Владата, санкционирањето за неносење заштитна опрема да почне веднаш или најдоцна вторник. Според налогот заштитната опрема се носи на затворено или на отворено кога не може да се одржи физичка дистанца од два метри. Ова се клучни механизми за заштита. Ако почитуваме ќе се заштитиме. Ќе превенираме раст на заболени кој досега го држиме под контрола, рече Филипче.
Министерот Венко Филипче повтори денеска дека граѓаните треба да се внимателни и да држат растојание.
„Мора да продолжиме да внимаваме, да седиме дома, да држиме растојание и да носиме заштитна опрема. Да бидеме одговорни, да се заштитиме себе и нашите најблиски.
Добрите резултати се заслуга на секој граѓанин кој останува доследен, ги почитува мерки и го штити јавното здравје, пишува Филипче.