Аки Рахимовски и Дадо Топиќ во Македонија: Битола нè врати во живот

Добивај вести на Viber

Рок-легендите Дадо Топиќ и Аки Рахимовски сношти беа на гости во Битола, на фантастичниот концерт Рок-симфонија кој се одржа на Ракометното игралиште. 

-Битола ме врати во живот, сите нас нè врати“, ни изјави Аки Рахимовски пред неговиот настап, возбуден што повторно пее на голема сцена, во придружба на Битолскиот камерен оркестар, кој е организатор на овој убав настан.


„Ова овде вечерва, ова е нешто неверојатно, целата идеја да се пеат рок хитови со голем оркестар е неверојатна“, додаде фронтменот на „Парни ваљак“. Дадо Топиќ пак ги искоментира преработките на неговиот хит „Македонија“, песната која ја испеа на крајот на концертот.

„Песната ја напишав одамна, и веќе сум кажал дека ја напишав од срце и ја пеам секаде, не само овде. Тоа што многумина по мене ја испејаа е супер, само нека се пее, нека живее приказната за Македонија“, ни рече хрватскиот рокер. 

Аки Рахимовски настапи последен на концертот, и започна со „Битола мој роден крај“, „Проклета недеља“, па безвременската „Јесен у мени“ со која настана делириум пред сцената. 


Фановите му се доближија на Аки кој е инаку скопјанец, а обезбедувањето не се обидуваше да ги спречи. „Све још мирише на њу“ беше очекуван убав крај, и „Македонија“ на Дадо како кулминација. 

На концертот ја гледавме и нашата Дани Димитровска, со моќен и енергичен настап и го заслужи секое делче од аплаузот. Дани на свој начин ја изведе култната „Милион долари“ од „Архангел“. И таа ни изјави дека е возбудена што пее по долго време, и оти кога дошла на проба се чувствувала како да настапува по десет години пауза. 


Битолчани беа исклучително расположени слушајќи ја одличната изведба на нивните сограѓани: Сашо од „Паркети“, Елена од Стојчевска,, Бранислав Николов од „Фолтин“, Жарко Јакимовски, Михајло Трајковски- Сак, Ирена Димовска, Наташа Миха. Секоја чест за рок класиците што ги изведоа, и за сите музичари на сцената и диригентот Владимир Димовски. 

Водителка на настанот беше Марија Андоновска. Концертот е дел од тридневниот хепенинг во Битола наречен „Балкан гала“. Во петок е на ред поп-симфонија со повеќе домашни пејачи и гостите Хари Мата Хари и Сергеј Ќетковиќ, а на 11 јули ,во недела ќе се одржи електро-симфонија. 

 М.Џаровска