Бајка во Македонија: Тој од Скопје, таа од Етиопија, ги делела голема далечина, но и неодобрување од средината - Денеска тие се доказ дека љубовта победува сѐ

Никола Јовановски и Нардос Јовановска, се запознале на „Фесјбук“. Таа од Етиопија, тој од Македонија.
Уште од првиот контакт почнале интензивно да комуницираат преку дигитални апликации за комуникација.
По три месеци од скоро секојдневна комуникација, Никола одлучил да направи храбар чекор и да отиде во посета кај Нардос. Во непозната средина, со голема неизвесност што го очекува таму, но со мотив да ја сретне девојката со која водел разговори со часови, Никола стигнал на одредената дестинација.
-Отидов во Адис Абеба, во Етиопија. Таа ме чекаше на аеродромот, љубовта се роди уште првите денови на камера. Вака ја започнува својата лична љубовна приказна, Никола Јовановски за „Женски магазин“.
Оттогаш нивната љубов постојано се умножува, а неодамна станаа и родители. Нардос го носи неговото презиме и одлично се вклопува во новата средина и покрај културните разлики.
-Трет ден ја запросив во црква во Адис, многу ни беше радосно и убаво заедно, едноставно се поклопуваме еден со друг, истакнува Никола.
Тој додава дека поради неговата вероисповед му било важно неговата сопруга да биде од православна веросиповед како и тој, што Нардос е.
-Поминавме многу убави денови заедно, а кога дојде време да се вратам за Скопје, плачевме многу и двајцата, многу беше тешко да се разделиме првиот пат.
Тој се вратил за Скопје, а неговата тогаш веќе свршеница останала во Етиопија. Продолжиле да комуницираат секој ден на камера, некогаш дури и целодневно. По што Никола повторно решил да оди во Етиопија, но овој пат подолго - на три месеци.
По стигнување во Етиопија, Никола го пречекала немила ситуација. Нова пречка за нивната љубов, покрај големата географска дистанца.
Нивната љубов, сепак не наишла веднаш на одобрување, од страна на нејзините родители. Никола истакнува дека кога вториотпат отишол во Етиопија, имало несогласувања со нејзините родители кои ја убедувале да го остави. Но како што вели тој, за среќа Нардос не ги послушала и одбрала да го следи патоказот на срцето.
На крај сепак, родителите на неговата сопруга попуштиле, но со услов - свадбата да се направи прво во Етиопија, не во Македонија.
-Мајка ми, татко ми и дедо ми дојдоа. Беше многу убава свадба. Од одење и земање од дома, па сѐ до ресторан, каде продолживме по нивните обичаи и традиција, имавме околку 100 гости на свадбата и беше многу весело, вели Никола Јовановски за „Женски магазин“.
Неколку дена по свадбата, Никола и сопругата дошле во Скопје, каде што ден денеска живеат. Се венчале и во манастирот св. Јован Бигорски, по што направиле голема свадба. Нивната љубов неодамна беше крунисана со синче.
-Многу ни е убаво, посакуваме старост да си дочекаме заедно во многу љубов, радост и мир, вели Никола.
Ова не е бајка, ова е реалност на двајца млади луѓе, кои храбро избрале да го слушаат сопственото срце, наместо социјалните норми и притисоците од средината. Се избориле за својата среќа и денеска уживаат од благодетите на таа борба. Во сегашноста тие се еклатантен пример, за тоа дека љубовта во буквална смисла не познава граници. Ниту географски, ниту културни, ниту социјални.
Магдалена Стојмановиќ - Константинов
Фото: Приватна архива


