Балканот се сонча со книга – само Македонија без сенка од култура: Во Дојран се отвори библиотека на плажа, па исчезна

Добивај вести на Viber

Додека повеќето туристи замислуваат одмор на плажа со коктел и сонце, сè повеќе светски дестинации ја дополнуваат оваа слика со – книга во рака. Концептот на библиотеки на плажа станува сè попопуларен, претворајќи го летниот одмор во вистинско уживање за љубителите на читањето.

Каде постојат библиотеки на плажа?

Првата позната „плажна библиотека“ се појави во Бугарија, во туристичкиот центар Албена, каде што посетителите можат да избираат од преку 6.000 книги на над 15 јазици – и сето тоа бесплатно. Секој турист може да земе книга, да ја чита на плажа и да ја врати по завршување, без никаква административна процедура.

Во Хрватска, неколку плажи во Сплит и Дубровник нудат мали дрвени библиотеки на отворено. Често се работи за „мини-библиотеки“ – мали штандови со книги донирани од локалните заедници или поставени од библиотекарите, со цел да го промовираат читањето и во летниот период.

Грција оди чекор понатаму – на некои острови, како Парос и Наксос, можете да најдете креативно дизајнирани „плажни кутии со книги“, поставени покрај лежалките.

Во Шпанија, градот Барселона постави мобилни библиотеки на неколку градски плажи, каде што посетителите можат да позајмат книги, списанија, па дури и детски сликовници, а на некои места се организираат и читања за деца под отворено небо.

Книга + Песок = Совршенство

Библиотеките на плажа не се само симпатичен детаљ – тие претставуваат начин на промоција на читањето и културата. Идејата е едноставна: да се доближи книгата до луѓето, таму каде што најмалку ја очекуваат.

Во свет каде што секојдневието станува се побрзо, читањето на плажа е можеби една од ретките можности за целосно нурнување во книга – без нотификации и притисоци.

Може ли ова во Македонија?

Иако кај нас сè уште не постојат официјални библиотеки на плажа, имаше обид за една ваква иницијатива, во 2015 година во Дојран кога беше отворена, но денес е само минато.

Ова може да биде поттик за туристичките дестинации кај нас, како да го релизираат концептот „земи- остави книга“, а да придонесат за туристите, општествената одговорност и промовирање читање книга како дел од одморот.

Фото: Instagram
РЖМ - Г.Д.Г