Богородични змии се појавија во православен манастир: ГОЛЕМИ ЧУДА за време на празнување на Големата Богородица

Како и секоја година на денот кога Грците ја слават Големата Богородица, островот Кефалонија доживува едно од најсветите чуда на православието.
Манастирот Панагија Фидус станува епицентар на чудесни настани што верниците ги доживуваат како знак на Божјото присуство и благослов.
Во светата тишина на Кефалонија, грчки остров познат по длабоката православна традиција, верниците денес се собираат во манастирот Панагија Фидус за да го прослават Успението на Пресвета Богородица, еден од најважните празници на Грчката православна црква.
Овој ден го симболизира моментот кога Богородица преминала од овој свет во вечниот живот на Небесното царство.
Богородичината змија на иконата на Пресвета Богородица
Грците ја слават Големата Богородица на 15 август според грегоријанскиот календар, што значи дека овој празник за нив е 13 дена порано отколку за Македонците, кои го прославуваат на 28 август според грегоријанскиот календар, односно 15 август според јулијанскиот календар.
За време на периодот од 6 до 15 август, Манастирот Панагија Фидус станува сведок на неверојатен феномен: „Богородичини змии“. Мали, неотровни змии со крстолики ознаки на главата, познати и како змии на Панагија, излегуваат од камењата и сувата земја, качувајќи се по иконите и рацете на верниците. Овој феномен, кој трае со векови, многу верници го доживуваат како божествен знак и израз на небесниот благослов.
Предание и чудо
Според народното предание, во времето кога пиратите се обиделе да го осквернат манастирот, монахињите се молеле на Пресвета Богородица барајќи заштита. Нивните молитви биле услишени кога змиите ненадејно се појавиле и ги истерале непријателите. Од тогаш, секоја година змиите се враќаат, сведочејќи за чудото што ја променило историјата на манастирот.
Симболика за верниците
За грчките православни верници, овие змии не се само чудесен знак, туку и симбол на Богородичината заштита и благодат. Тие ги земаат во раце со почит, верувајќи дека допирот со овие суштества ќе донесе благосостојба, исцеление и мир во срцата. Појавата на овие змии кај Грците се толкува како добар знак – најава на милоста која повторно се излева врз народот.
Додека Македонската православна црква го чека својот ден за прослава на Големата Богородица, разликата во календарите не ја намалува духовната поврзаност на народите кои ја делат истата вера и љубов кон Пресвета Богородица. Манастирот Панагија Фидус, со своите чудесни змии, останува едно од најважните места во православниот свет – каде што се среќаваат земјата и небото, верата и чудото.
Извор / Printscreen/Youtube/ Ionian TV (М.С.К)