Болката за починатото дете ја лекувала со музика, пеела пред Тито, оперската дива Марија Калас, кралицата Елизабета: 24 години без доајенот на македонската народна песна, Васка Илиева

Добивај вести на Viber

На денешен ден се сеќаваме и одбележуваме годишнина од смртта на двајцата големи историски ликови, Гоце Делчев и Јосип Броз Тито, кои на овој 4-ти мај заминаа во историјата.

Помеѓу значајните личности кои на овој ден 4-ти мај не напушти е и доајенот на македонската народна песна, Васка Илиева. Име испишано со златни букви во македонската музичка историја која остави големо музичко богатство отпеано од нејзиното славеј грло.

Родена беше во скопската населба Чаир, во музичко семејство. Нејзиниот татко, Тодор Бошков Велков, бил познат гајдаџија. Почетоците на Васка Илиева биле во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ во далечната 1950 година. Специфичноста на нејзиниот уникатен глас, за брзо време станува популарна и настапува на безброј концерти, не само низ Македонија, туку и во земјите од поранешна Југославија.

Позната е по песните: „Земјо македонска“, „Имала мајка“, „Излегол Невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“, „Сестра кани брата на вечера“ и многу други. За време на долгата музичка кариера, во Република Македонија и насекаде по светот каде што живеат Македонци ја нарекуваа „Жива легенда“ на македонската народна песна, „Кралица на македонската народна песна“, како и „Амбасадор на македонската народна музика“.

Васка Илиева настапувала секаде низ светот, била музичка амбасадорка на македонската изворна и народна песна. Во текот на нејзината долгогодишна кариера пеела пред Тито, Черчил, оперската дива Марија Калас, пред кралицата Елизабета.

Не било се песна во животот на Васка Илиева. По породувањето таа го изгубила своето дете. Тешко се носела со траумата, дури верувала дека нејзиното дете е живо, бидејќи не ја известиле што се случило и која е причината за смртта. Никогаш не ја криеше тагата, зборуваше дека болката по нејзиното чедо ја лекува со песна.

Васка раскажуваше дека после оваа трагедија, никогаш повеќе не помислила да има деца и решила целосно да се посвети на кариерата и песната.

Со сопругот Кице Илиев се разведе во своите четириесетти години, а потоа повторно се омажи за Ристо Глоговац, кој бил воено лице. И со него бракот не траел долго, се разделиле по неколку години брак.

Васка Илиева се упокои на 4 мај, 2002 година во родното Скопје на 77 години, оставајќи зад себе богато културно и духовно наследство.

На Фејсбук страницата „Македонска страница“, објавено е последното видео од Илиева пред нејзината смрт.

„Последниот ден од животот на Васка Илиева снимен од Македонците од Пиринска Македонија“, стои во описот на видеото.