Болните оздравуваат, семејствата се обединуваат, слепите прогледуваат: Манастир во кој се случуваат вистински чуда атракција за македонските туристи

Сè повеќе верници од Македонија бараат надеж во манастирот Тумане
Во последните години, голем број верници од Македонија, кои традиционално го посетуваат манастирот Острог во Црна Гора, се насочуваат и кон друго свето место – српскиот манастир Тумане. Причината, велат, се бројните сведоштва за чуда кои таму се случуваат: оздравувања, исполнети молитви за потомство, но и силен духовен мир.
Манастирот со длабоки историски корени
Манастирот Тумане се наоѓа на околу 9 километри од Голубачката тврдина, во срцето на бујната природа покрај Туманската река. Според народното предание, го изградил српскиот јунак Милош Обилиќ во XIV век, на местото каде што, по несреќен случај, го ранил старецот Зосим, аскет и подвижник. Пред да почине, старецот наводно рекол: „Ту ме мани“ (Тука остави ме), по што местото и манастирот го добиле името Тумане.
Манастирот како чувар на мошти и икони
Во текот на своето постоење, манастирот бил трипати уриван и пален, но народот секогаш го обновувал. Денес, тој претставува важен духовен центар каде се чуваат моштите на свети Зосим, свети Јаков Нови и дел од моштите на свети Нектариј Егински. Посебна вредност има и иконата на св. Богородица Курска од XVII век.
Сведоштва за чуда и духовно исцелување
Многубројни сведоштва од посетители говорат за неверојатни чуда: луѓе кои прогледале, деца кои по молитва зазеле први чекори, парови кои по години борба за потомство добиле дете. Семејства кои биле пред распад, повторно се обединиле. Туристичките водичи потврдуваат дека ваквите искуства не се ретки и дека луѓето се враќаат по втор пат – овој пат со благодарност.
Манастирот денес – отворен за сите
Манастирот е отворен секој ден од 07 до 19 часот, а редовно се одржуваат богослужби. Покрај православни верници, често го посетуваат и припадници на други вероисповеди, привлечени од духот на мир и надеж што го носи ова место. Природната убавина, духовната енергија и тишината на планините го прават манастирот не само верско, туку и туристичко прибежиште.
М.С.К / Фото: Приватна архива