„Чувањето деца во Македонија се исплати“: Расте побарувачката за дадилки, но ја работат најчесто студентки или пензионерки

Дадилките сè почесто се барани на македонскиот пазар на труд, но нивните примања сè уште значително варираат во зависност од искуството, градот и условите на работа.
Според податоците на Mojaplata.mk, најголемиот дел од дадилките – околу 80% – заработуваат меѓу 22.567 и 33.847 денари нето месечно. Само 10% од нив имаат плата пониска од 22.500 денари, додека највисоко платените 10% надминуваат 33.800 денари.
Истражувањето на Worldsalaries.com прикажува малку поинаква слика, со просечна нето плата за дадилка во Македонија од околу 19.500 денари месечно.
Најниските примања според ова истражување се движат околу 9.800 денари, додека највисоките достигнуваат и до 30.700 денари месечно.
Разликата во податоците, според експертите, доаѓа од различниот начин на пресметка, но и од фактот што дел од дадилките работат пријавено, а дел неформално. Дополнително, платите во Скопје се повисоки во споредба со помалите градови.
Иако работата на дадилка е одговорна и подразбира грижа за најмладите, платите сè уште се пониски од просечната плата во земјава. Сепак, побарувачката расте, а со тоа и можностите за подобри услови за оваа професија, која игра клучна улога во поддршката на семејствата.
Дополнителна работа за сигурни приходи
Оваа професија сè почесто се препорачува и како дополнителна работа, особено за жени кои сакаат флексибилност или за пензионерки, кои ја гледаат како најповолен начин за обезбедување дополнителни приходи. Голем дел од дадилките се плаќаат „на рака“ и не бараат да бидат пријавувани, што ја прави работата уште поатрактивна за оние кои не сакаат да се врзуваат со формални договори или редовен работен однос.
М.С.К