Црквата св. Петар и Павле на Ајватовски Рид: Излетничко место, за сите љубители на природата, во непосредна близина на Скопје

Добивај вести на Viber

  Сместено во источниот дел на Скопската Котлина, во рамките на Општина Илинден, селото Ајватовци се наоѓа на само неколку километри од автопатот Скопје – Куманово.

 Рамничарското село лежи на 320 метри надморска височина, во подножјето на Ајватовскиот Рид, кој се издига до 429 метри.

  Токму овој рид е претворен во вистинска оаза за љубителите на природата, рекреацијата и мирниот викенд одмор. На неговиот врв се издигнува црквата „Св. Петар и Павле“, до која води земјен пат. 

  Градбата е завршена однадвор, а одвнатре постои иконостас и сè уште не е живописана. Во околината се организирани пошумувања како дел од акцијата „Ден на дрвото“, што дополнително ја збогатува природната слика.

Излетничкиот капацитет на Ајватовски Рид е импресивен. За време на викендите, ова место е преполно со посетители – семејства, планинари и љубители на свеж воздух.

 Висорамнината нуди поладна клима, незагадена природа и мир што ретко се наоѓа блиску до градот. 

На поставените клупи може да се седи со часови, вперен поглед во зелениот хоризонт што се протега над целото Скопско Поле – глетка која вистински ја одмора душата.

Ајватовци станува сè почеста дестинација за сите што сакаат брзо бегство од урбаниот хаос и вистински контакт со природата.

Фото: Википедиа

М.С.К