Да за олеснувања, ама на секој евентуален нов аларм – назад во „црвена зона“

Додека се исчекува исходот за карактерот на претстојниот 3-дневен првомајски викенд (карантински ќе е или не?), еве преглед на активностите на европските држави, кои внимателно и фазно внесуваат олеснувања на рестриктивните анти-корона мерки со подготвеност во секој момент на евентуален нов аларм повторно да се вратат во „црвена зона“.
Вака некако изгледа претпазливата операција на рестарт која почнува да се применува во земјите, кои сметаатдека го надминале пикот на епидемијата.
Норвешка во која епидемијата се повлекува денеска ги отвори училиштата од пониските одделенија, како нова етапа во нормализацијата која оди споро и постапно, па сепак загрижува многу родители.
Измина една недела откако во земјата се отворија јаслите и градинките, сега во училиштата се враќаат децата од 6 до 10 години, кои по 6 недели онлајн настава, сега ќе бидат згрижени во одделенија со по 15 ученици.
Со ова Норвешка продолжува постепено да ги ублажува мерките, воведени на 12 март за сузбивање на ширењето на коронавирусот. Фризерите и козметичарите, исто така, добија дозвола за работа. На сила остануваат други мерки како забрана за собирање на спортски и културни настани, како и упатствата за одржување на физичката оддалеченост.
-Не смееме да се опуштиме и мора напорно да работиме за да ја одржиме епидемијата под контрола. Ако не бидеме внимателни, во најлош случај, ќе мора повторно да ги заоструваме мерките – изјави премиерката Ерна Солберг.
И во другите европски држави, кои најмногу настрадаа од пандемијата, почнува релаксирањето на рестриктивните мерки.
Во Италија, која брои 27 илјади смртни случаи (или 35 илјади со оние починатите надвор од установи за згрижување), споро и внимателно започнува некое олеснување, кое медимите го оценија не како фаза 2, туку како фаза – еден и пол.
Премиерот Џузепе Конте на долга прес-конфереција објасни дека остануваат забраната за собирање, мерката на физичката оддалеченост дури и во семејствата, зашто секој 4-ти пациент заболел токму во семејството, и носењето маски.
-Почнува соживот со вирусот. Ризикот опстојува и натаму, треба одговорно да се соочиме со него – изјави италијанскиот премиер.
Во земјата е востановен механизам за контрола на кривата на заразата и утврдена е граница на аларм. Ако некаде кривата ја надмине границата, во тоа подрачје повторно се воспоставуваат целосни рестрикции или како што медиумите тоа го нарекоа – враќање во црвената зона.
Во периодот од 4 до 18 мај ограничувања важат и натаму, но се овозможува посета на членовите на семејството - со маски и без собирања. И натаму е забрането патување во други области, освен поради неизоставни работни или здравствени причини.
Секој со респираторна зараза и температура од најмалку 37,5 мора да остане дома и да го извести својот матичен лекар. Се дозволува излегување на јавните паркови и игралишта, но со одржување на дистанцата од два метра, со користење маски и без собирања.
На регистрираните спортисти им се дозволува тренинг на затворено, а не е доволено повикување на верниците на богослужба. Уште не е одлучено кога ќе бидат продолжени прекинатите спортски првенства, а Конте, како вљубеник во фудбалот, изјавил дека едвај чека на таа одлука.
Од 18 мај се птвора малопродажбата, музеите, изложбените простори, библиотеките, а можеби ќе започнат и тренинзите на колективните спортови. Од 1 јуни се отвораат кафеаните, рестораните, фризерниците и други услужни дејности.
Владата размислува и за помош на економскиот сектор, особено на туризмот, кој и носи голем профит на Италија.
-Италија мора да постави темели за повторно придвижување на нацијата и да ја искористи оваа криза за отфрлање на тоа што не чинело со децении – изјави Конте.