Дигиталниот бот им сервирал ладна одмазда: Инфлуенсерски пар добил забрана за влез во авион поради ChatGPT

Добивај вести на Viber

Млад пар инфлуенсери тврди дека им бил забранет влез во авион за Порторико откако за информации околу визниот режим се потпреле на ChatGPT, кој им дал погрешни податоци. 

Поради тоа на аеродром пристигнале со несоодветна документација и останале без патување.

Во видео кое шпанските туристи го објавија на социјалните мрежи, тиктокерката Мери Калдас во солзи шета низ аеродромот откако ѝ било ускратено патувањето. Додека нејзиниот партнер Алехандро Сид ја теши, Калдас им се обраќа на следбениците:

–Секогаш многу истражувам, но го прашав ChatGPT и тој ми кажа не ми треба виза – раскажа Мери мислејќи на прашањето дали им е потребна виза за влез во Порторико.
– Повеќе не му верувам на тоа копиле – додаде низ солзи, а потоа низ шала рече дека алатката за вештачка интелигенција ѝ дала погрешни информации од одмазда.
– Понекогаш го навредувам, му велам „бескорисен си, ама барем ме информирај како што треба“... ова е негова одмазда – заклучи Мери.

ТикТок публиката ги исмева

Видеото на TikTok собра повеќе од шест милиони прегледи, а бројни корисници го исмеаја парот бидејќи за вакви информации се потпреле на AI наместо да проверат официјални извори.

„Природна селекција, изгледа. Ако одиш на прекуокеанско патување и сите совети ги темелиш на ChatGPT, добро и поминале“, „Кој воопшто му верува на ChatGPT за такви работи?“ – беа само дел од коментарите.

Сепак, имаше и такви кои го бранеа ChatGPT, тврдејќи дека можеби одговорот не бил неточен, туку парот поставил погрешно прашање. Имено, на шпанските државјани не им е потребна виза за влез во Порторико, но мора електронски да добијат дозвола за патување – ESTA (Електронски систем за одобрување на патување).

Извор: Еспресо / Фото: ЕPA