„Дојранското езеро - мало, но светски значајно“: Ова реткост е својствена само за Дојран, додека светот се бори да ја зачува

Добивај вести на Viber

Малиот корморан (Phalacrocorax pygmeus) е еден од најредките и најзагрозените видови птици во Европа, а Дојранското Езеро е едно од последните засолништа каде што овој вид сè уште опстојува. 

За разлика од својот поголем роднина, малиот корморан е потполно црн, нешто помал по големина, и се одликува со брз лет и вешто нуркање.

Оваа птица гнезди во колонии, најчесто во густи трски и мочуришта, а Дојран со својата плитка и топла вода, изобилство од риба и густи вегетации претставува идеално живеалиште. 

Малиот корморан игра важна улога во екосистемот – се храни со мали риби и на тој начин помага во одржување на биолошката рамнотежа во езерото.

Сепак, неговото постоење е под постојана закана. Губењето на природните живеалишта, загадувањето на водите и човековата активност се главните фактори што го загрозуваат.

 Според проценките, популацијата на малиот корморан е во постојан пад, а Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) го има ставено на списокот на видови со висок ризик од исчезнување.

Дојранското Езеро претставува една од ретките безбедни зони за овој вид на Балканот. Поради тоа, зачувувањето на езерото и неговата околина е од клучно значење не само за локалната природа, туку и за глобалното биолошко наследство.