Домашниот туризам прескап – странците ја преплавуваат Македонија

Добивај вести на Viber

Додека македонските туристички дестинации стануваат сè понедостапни за домашните граѓани, бројот на странски туристи во првата половина од 2025 година забележува значителен раст.

Според официјалните податоци за првите четири месеци од годината, во земјава престојувале:

  • 49.870 туристи во јануари (од кои 63,2% биле странци),
  • 70.902 туристи во март (78% странци),
  • 96.943 туристи во април (78,6% странци).

Како што прикажува графиконот, домашните туристи се во опаѓање, додека интересот од странство постојано расте.

Од почетокот на годината, Македонија бележи двоцифрен пораст кај странските гости, со прогноза дека до крајот на 2025 година ќе ја посетат над 1,5 милиони странци, што може да донесе повеќе од 500 милиони евра туристички приход.

Од друга страна, домашните туристи сè почесто се жалат на високи цени, особено во дестинации како Охрид, Дојран и Преспа, каде приватното сместување и угостителските услуги достигнуваат цени кои се приближуваат до европските. „Да отидеш викенд во Дојран станува поскапо од викенд во Солун“, велат дел од туристите на социјалните мрежи.

Иако Македонија останува атрактивна дестинација за странците – благодарение на природната убавина, културното наследство и ниските цени во однос на нивниот стандард – се поставува прашањето: дали земјата полека го губи домашниот турист?

Поранешниот директор на Агенцијата за промоција на туризам, Љупчо Јаневски на социјалните мрежи сподели позитивно искуство со цените во Охрид. Имено, во кафе бар во Охрид, цените на кафето се едни пред 11 часот, други во попладневните часови кога раздвиженоста е поголема. 

Кафе до 11 часот 50 денари. Кафе + цедевита 130. Кафе+цеден сок 150 денари! Затоа да не генерализираме со цените во Охрид бидејки за се има избор, заклучи Јаневски.

Туристичките експерти предупредуваат дека без политика за урамнотежување на понудата и достапноста, македонските дестинации може да се претворат во луксуз за странците, а луксуз што граѓаните од земјава веќе не можат да си го дозволат.

М.С.К