ДОМИНИРААТ ЖЕНИТЕ: Бројот на неписмените лица во Македонија е колку жителите на еден помал град

Стапката на неписменост во Македонија изнесува 1.24 отсто, односно според последниот попис на населението, околу 19.000 луѓе се неписмени. Тоа е колку население на еден од помалите градови. Меѓу неписмените има 5.517 мажи и 13.380 жени. Во оваа група доминираат жените и тоа постарите.
Најмногу неписмено население, 7,26 отсто, има во Општина Демир Капија, додека најголем процент на писмено население, 98,83 отсто, има во Општина Вевчани. Сепак, генерално образовната структура на населението се подобрува, барем според статистиките и ова влева доза на оптимизам.
„Oткако се воведе задолжително средно, таа стапка на писменост е повисока. Но, има лица што не завршуваат ни основно, такви случаеви има кај ромската популација. Во селата има и постари жени што немаат ни основно школо, но не се активни баратели на работа, тие се домаќинки, се занимаваат со земјоделство. Тоа се жени над 60 годишна возраст. Други пак се омажиле млади и останале само со основно образование“, вели социолог Лидија Илијевска.
Според податоците од Пописот 2021, најбројно е населението што има завршено средно образование (44,80 отсто) и учеството на оваа категорија население е зголемено за 9,06 отсто во однос на Пописот од 2002 година. Со завршено основно образование се 27,74 отсто од населението што претставува намалување за 9,13 отсто во однос на 2002 година, додека со завршено високо образование се 19,60 отсто или 9,62 отсто повеќе отколку во 2002 година. Ваквите податоци покажуваат позитивен тренд на образовната структура во државата. На ниво на општини, во Желино доминира населението со завршено највисоко основно образование со 67.71 отсто, а во Илинден доминира населението со средно образование со 59.03 отсто, додека во Центар најдоминантно е населението со завршено високо образование со 54,13 отсто. Стапките на писменост и неписменост се пресметуваат како учество на писменото/неписменото население во вкупното население на возраст од 15 години и повеќе.
Сања Атанасовска
Фото: freepik.com
Извор: ФАКТОР