Еден гест – илјада насмевки: Трајче ја донираше косата за децата болни од рак

Добивај вести на Viber

Во светот каде секојдневието често го диктираат брзината и површноста, постојат мали, но моќни гестови кои потсетуваат на вистинските човечки вредности. Еден таков пример доаѓа од Струмица, каде Трајче Василев ја донираше својата коса за изработка на перики за деца заболени од рак.

Хуманата донација се реализираше во фризерскиот салон на Александар Тошев – струмички стилист познат по својата поддршка на вакви иницијативи и по долгогодишната соработка со фолк пејачката Сузана Гавазова. Тошев е чест домаќин на вакви гестови – каде деца, млади и возрасни, доброволно ја даруваат својата коса за оние на кои им е најпотребна.

„Трајче Василев е следниот мој средношколски другар кој што ја донира својата коса“, напиша Александар под објавата.


Неговата коса ќе биде употребена за изработка на перика која ќе донесе насмевка на лице полно со храброст.

Во фризерскиот салон на Тошев, ваквите гестови се редовна појава – сведоштво дека хуманоста е жива и постои во најразлични форми. Во соработка со организации кои изработуваат и донираат перики за деца заболени од рак, косата се собира, селектира и претвора во конкретна помош.

Со овој чин, Трајче Василев не само што донираше дел од себе, туку испрати и силна порака: дека со малку љубов и волја, секој од нас може да направи многу.

Фото: Фејсбук
РЖМ - Г.Д.Г