Една фотографија, цел свет за Леон: Прегратка која нѐ потсетува дека аутизмот не е пречка за љубов, туку пат кон најискрените облици на човештвото

Добивај вести на Viber

Амела Мемиш - Апостоловска, е мајка на аутистично дете. Таа секојдневно преку социјалните мрежи споделува дел од секојдневието ан нејзиниот син Леон и е гласен говорник за прифаќање на разликите.

Нејзината последна објава ќе ви го стопли срцето. Леон во прегратка со Игор Џамбазов и силна порака која ја пренесуваат момците, дека прифаќањето не бара диплома, туку бара срце.

„Леон, моето дете со аутизам со чичко Миле ( Игор Џамбазов), кој не глуми тука, туку е токму тоа што секој човек треба да биде , а тоа е човек со разбирање.

Ова не е само фотографија. Ова е мост меѓу генерации, светови, дијагнози и уметност.
За секое дете како Леон, еден ваков момент значи свет. Значи: "Те гледам. Те прифаќам. Ти си важен."
А за секој возрасен потсетување дека понекогаш најгласните зборови ги кажуваат тишините помеѓу нас.

Прифаќањето не бара диплома. Бара срце.

А срцето на Леон и душата на Игор Џамбазов денес ни го покажаа тоа.
Нека оваа прегратка биде симбол за сите што чувствуваат „различно“.
Нека не' потсети дека аутизмот не е пречка за љубов, туку пат кон најискрените облици на човештвото“, стои во објавата на Амела.

Неодамна во интервју за Женски магазин, таа зборуваше за животниот предизвик со раѓањето на Леон и како заедничката приказна со него ја претворија во инспирација.

- Леон денес е момче кое одлично се справува со околината не затоа што светот станал полесен, туку затоа што тој гледа поинаку. Тој не го гледа светот низ очите на предрасудите, туку низ призмата на љубовта. Да, има деца кои не го прифаќаат. Но, јас не ги осудувам бидејќи децата се само огледало на она што го носат нивните родители. Ако родителот не го учи детето за различноста, не прифаќа и не воспитува со сочувство, тогаш ниту детето нема од каде да научи. Има и наставници кои сè уште го гледаат аутизмот како страшило, како пречка, а не како различност. И покрај тоа, Леон се движи низ тие погледи, низ тие стеги и ги запознава луѓето со она што вистински е, чиста, неподготвена, искрена љубов која само бара да биде прифатена, за да може и тој да ги прифати нив. 

Психолошки гледано, голем дел од општеството  уште живее во стадиум на социјален конформизам, каде што отстапува од „нормата” и предизвикува одбивност, страв или потреба за осуда. Луѓето често ги гледаат децата со аутизам низ објективот на дефицит наместо низ потенцијал. Наместо емпатија, многумина нудат осуда, наместо разбирање настапуваат со критика. А кога ќе го допреме прашањето за државната поддршка таму владее тишина. Не зборувам само за Леон. Зборувам за стотици семејства кои, исто како нас, се оставени да се борат сами, отфрлени од систем кој глуво мижи на детската болка. Имавме конкретен случај кога навремено и уредно поднесовме документација за продолжување на посебниот додаток во Центарот за социјални работи. 

Поради нестручен кадар, без никакво право и без известување, на Леон му беше прекината исплатата. Подоцна, со правна постапка и приложување на решенија, беше докажано дека грешката е на институцијата но штетата, вознемиреноста и неправдата останаа врз нас. Од таа гледна точка, секој разумен човек ќе се согласи дека државата е глува кога се децата со попреченост во прашање. А таму каде што државата молчи, родителите мора да викаат за да ги слушнат барем оние кои не заборавиле што значи да бидеш човек.

Повеќе може да прочитате тука:

Дијагнозата на Леон ја дознав кога имаше само 10 месеци, од семејството добив „Ако си била способна мајка, немаше да родиш сакати деца“, денеска тој е вербален, социјализиран и мудар