Екстремните температури ќе почекаат: Следува заладување, еве какво време не очекува наредна недела
Денес во текот на целиот ден, и тоа поради брз продор на ладен воздух од северозапад кај нас во нашата Република Македонија ќе дува засилен, повремено силен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 60 км/час). Најсилен ветерот ќе биде во Повардарието, објави метеорологот Славчо Попоски.
„И во Скопскиот регион повремено ќе дува силен ветер од северен правец (во делови од котлината повремено со брзина од над 60 км/час).
Што се однесува до температурите, тие денес наутро ќе опаднат дури и за околу 15 степени во споредба од оние кои ги имавме до сега и тие до утре наутро ќе се спуштаат во интервалот од 7 до 18 степени во најтоплите предели од нашата Македонија, односно во Повардарието. Во Скопскиот регион денес наутро температурата ќе се спушти до околу 15 степени.
Максималните дневни темпратури денес ќе се искачуваат во интервалот од 23 до 30 степени, во Скопје до околу 28 степени.
Апелирам, во случај на појава на силен ветер, граѓаните да бидат внимателни каде и како се движат, поради тоа што силниот ветер можно е да создава и проблеми, вели Попоски.
Инаку, според прогностичкиот Европски модел, Попоски вели дека следната седмица доаѓаат врнежи и дека се намалуваат шаансите за екстремно топли бранови.
„Најново ажурирање на прогностичкиот Европски модел (ECMWF) укажува на тоа дека следната седмица конечно очекуваме врнежи кај нас. Денот станува се помал, а со тоа полека се намалуваат и шансите за екстремно топли бранови кои според овој модел ги нема на повидок“ вели Попоски.
Извор: ФАКТОР