„Езерото е исто како во Охрид, а кафе пиете за 50 денари“: Домашните туристи воодушевени од Струга

Добивај вести на Viber

Незадоволството на граѓаните од енормно високите цени во Охрид кулминираше на социјалните мрежи, каде што последните денови се објавуваат бројни фотографии и коментари од разочарани туристи. 

И домашни и странски гости јавно реагираат на, како што велат, нереално високите сметки во угостителските објекти, продавниците и плажите.

„10 евра за лежалка, 5 евра за сок, 20 евра за ручек без сметка… Охрид станува луксуз за Македонци“, гласи еден од популарните коментари на Facebook. Многумина посочуваат дека за исти пари може да летуваат во Грција, каде што услугата е, според нив, поквалитетна и поприфатлива.

На TikTok и Instagram кружат видеа од сметки со неверојатни цени за едноставни оброци, како и од непрочистени плажи и слаба услуга, што дополнително ја разгорува дебатата.

Граѓаните бараат поголема контрола од надлежните институции, а туристичките работници пак предупредуваат дека ваквото незадоволство може да остави долгорочни последици врз имиџот на Охрид како туристичка дестинација.

За разлика од Охрид, кој како што велат домашните туристи, нуди несоодветна услуга за високите цени, пофалби сѐ почесто стигнуваат на сметка на Струга. 

Дека како „Струга нема друга“ потврдува и фактот дека цените се далеку попристојни, дури и во ресторан, природата е иста како во Охрид, Струга е културен центар на Македонија особено поради Струшките вечери на поезијата и што е најважно езерото е исто, велат граѓаните. 

Еспресо во кафуле покрај езеро можете да пиете и за 50 денари, има пристојни цени во рестораните и плажите се блиску до центарот на градот, стои во препораките кои Струга ги добива на социјалните мрежи. 

Дали туристичкиот фокус на домашните туристи од Охрид ќе се префрли во Струга, останува да видиме. 

М.С.К 

Фото: Фактор / Википедиа