Ѓоковиќ по шести пат го освои Вимблдон: Продавав палачинки само син ми да го оствари својот голем сон

Добивај вести на Viber

Уште еднаш докажа дека е крал на белиот спорт.

Тенискиот ас по шести пат го освои Вимблдон и се изедначи со Роџер Федерер и Рафаел Надал како тенисер со најмногу освоени Грен слемови.

Српскиот тенисер немал лесен пат за да стигне до овде каде што е сега, а за тоа раскажуваше и неговата мајка, Дијана Ѓоковиќ во една прилика.

Мајката на најдобриот тенисер во светот, Новак Ѓоковиќ, не сака да се експонира во медиумите и максимално е посветена на семејството. Но,во едно интервју призна дека целиот живот го посветила на децата, но дека не ни насетувала дека Ноле ќе биде тениски ас. 

Сакала само да се занимава со спорт, за да израсне во здрав и добар човек. Кога со нејзиниот сопруг сфатиле дека е исклучително талентиран, направиле сѐ што е во нивна моќ да му помогнат да го оствари својот сон. На патот кон успехот се соочувале со многу бариери, прошле низ вистински пекол.

Дијана во едно интервју за хрватскиот „Вечерни лист“ откри дека семејството во 90-те било на работ на банкрот поради кариерата на Новак. Родителите на Ноле имале ресторан на Копаоник и тоа им бил единствен извор на приходи, а Дијана не крие дека биле на чекор да се повлечат.

- Имаше моменти кога мислевме дека финансиски не можеме повеќе да издржиме. На крај некако се снаоѓавме. Тоа беше единствен начин нашиот син да успее. Тој тоа не го знаеше и не требаше да го знае. Не го оптеретувавме дали имаме или немаме. За него мораше да имаме. Седумнаесет години работев во ресторанот, од 10 до 16 часа. Правев палачинки, работев на шанк, правев пици... Срѓан патуваше со него, а јас им ги праќав сите пари кои ќе ги заработев. На крајот се исплати, но можеше да биде и поинаку - раскажа таа за „Вечерњи лист“.

Со гордост раскажува дека сѐ постигнале сами, со помош на неколку пријатели, без поддршка од државата.