Хајрија Рамадани е од Македонија, се омажила за Србин и покрај противењето на семејството, славела слава, родила син, а за возврат добила брутално насилство: Денеска е глас на жените

Потекнува од конзервативно семејство, целиот живот го поминала во борба за правда и правичност. Иако денеска живее во Србија и е една од најгласните активистки на Балканот, кога се жртвите на семејно насилство во прашање, Хајрија Рамадани сѐ уште има македонско државјанство и тука, како што самата вели е нејзиното семејство.
Истото она на кое пред повеќе од две децении му се спротистави поради љубовта. Иако во тоа време било вистинска контроверзија да се омажи за Србин и да се пресели далеку од своето семејство, го следела само патоказот на срцето.
Фото: Приватна архива
Нејзиниот татко ја советувал да не се мажи за поранешниот сопруг, бидејќи сметал дека не е прилика за неа. Но таа не го послушала, за жал, зошто станала жртва на семејно насилство, но и за среќа бидејќи благодарение на тој брак денеска има син, кој ги прави возможни сите нејзини борби.
Набргу откако се омажила, Хајрија Рамадани, одлучила да ги прифати сите обичаи на семејството на својот сопруг. Почнала дури и да слави слава, родила син, перфектно го совладала српскиот јазик. Но наместо, како што самата вели, да добие поддршка и прифаќање - добила ладен туш. Од сопругот, но и од неговото семејство.
Станала жртва на брутално насилство и тоа во период кога секоја жена има најголема потреба од помош и нега - бременоста и раѓањето.
Фото: Приватна архива
Со години ја води својата правда битка за докажување на семејното насилство, но не само личната, туку е глас на стотици жени кои доживеале слична судбина како неа.
Својата најголема слабост ја претворила во сила што ја дава на сите на кои им е најпотребна. Основачка е на здружението „Хајр“ во кое секојдневно жени, но и мажи - жртви на семејното насилство бараат совети, помош и поддршка.
За „Женски магазин“ вели дека секоја жена која успеала да излезе од кругот на насилството не е жртва, туку вистински херој. Бидејќи токму, насилството е магичен круг, а насилниците вешти манипулатори кои е тешко да бидат разоткриени од околината.
-Насилниците се различни, немаат посебна ментална структура. Но, меѓу насилниците имаме луѓе кои се високо образовани, кои имаат сопствен бизнис и кои никогаш не би помислиле дека се насилници, иако имаме и насилници кои се спротивни од овој профил, вели Рамадани.
Она за што се залага во моментот е подобрување на законската и институционалната подлога во Србија, но вели дека ниту Македонија, која ја смета за сопствена земја не е изоставена од овој проблем и дека состојбите во семејството треба да се променат во корен во двете земји.
-Во Србија и двата пола, и жените и мажите, секако се заштитени со еднакви права. Секако, според статистичките податоци и истражувањата, има помалку мажи кои се жртви на насилство. Иако мора да имаме на ум дека мажите на Балканот се различни и дека можеби е срамота да се каже дека трпат насилство, истакнува таа.
Она што прво треба да се направи според неа е, настанот на семејно насилство да не се третира низ перспектива на жртвата, туку низ перспектива на насилникот. Во нашата средина сѐ уште постои уверување дека жртвата со нешто го заслужила тој третман или општеството е премногу игнорантно.
Според неа, прво е потребно да ја смениме менталната склопка и да сфатиме дека не е проблем жртвата, туку насилникот е тој на кој му треба рехабилитација, додека на жртвата и треба помош и разбирање.
Магдалена Стојмановиќ - Контантинов