ИМААТ ИСКУСТВО, АМА РАБОТЕЛЕ НА „ЦРНО“: Ова може да биде кочница за заминување во странство

Во Македонија постојат луѓе кои работеле во угостителството, имаат искуство, но бидејќи ангажманот бил на „црно“, не можат да го докажат со листа на стаж и тоа може да биде кочница за заминување во Хрватска. Конкретно, тамошните работодавачи може да бараат лицата да докажат дека имаат најмалку 6 месеци работно искуство во одредена област. Како доказ, апликантите за работа треба да приложат листа за стаж или потврда од работодавачот кај кого работеле.
„Реално се случува луѓето да работат во угостителство кај познати, некаде каде имаат некаква поврзаност, работеле непријавени, а имаат искуство. Во пракса кога некој си ја знае работата, не треба доказот да биде пресуден. Се случува да дојдат луѓе кои имаат искуство како келнери, готвачи, но не биле пријавени или работеле сезонски, не можат да приложат документ за да го потврдат искуството. Исто се случувало да не успеат да стапат во контакт со работодавецот, да не добијат потврда. Има и помлади и повозрасни луѓе кои се соочуваат со вакви ситуации. Има и некои што ќе се откажат. На некој му бараат потврда, на некого листа за стаж. Се бараа најмалку 6 месеци работно искуство во струката“, вели Симона Цветковска, која работи во човечки ресурси во агенцијата Мацедо ХРМ.
Работа на „црно“ има во многу сектори во Македонија.
„Јас од свои 19 години работам во угостителство, имам искуство, но одреден период бев непријавена. Сепак, имам стаж во угостителскиот сектор над 10 години, немав проблем со документите, немав проблем да се потврди дека имам искуство, имав намера да заминам во Хрватска заедно со колешка оваа сезона, но поради приватни обврски се откажав“, објаснува скопјанка.
Од април 2025 година, Хрватска воведе значајни измени во Законот за странци, што директно ги засега сезонските работници од земјава.
Новите прописи носат построги услови за вработување, поголеми одговорности на работодавачите и подобра заштита на правата на странските работници.
Се смета дека околу 15.000 Македонци работат на Јадранот.
Сања Атанасовска за „Фактор“foto freepik.com